„Правиме политики за да пуштиме повеќе пари кон граѓаните, бидејќи Северна Македонија денеска е финансиски солвентна и ликвидна земја, па затоа упорно ќе работиме на подигнување на економскиот стандард на граѓаните“, изјави на партиската трибина во Дебар, претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Тој додаде дека власта носи странски директни инвестиции, а 24 од нив се џиновски компании.
-Во моментов разговараме со повеќе од 30 компании за нови 15 илјади работни места. Секое ново вработување го полни ПИОМ што е основ за покачување на пензиите, тоа е затоа што се атрактивна земја, членка на НАТО. Генериравме политики што нема целосно да ја уништат економијата за време на пандемијата. Во многу земји се скратија платите, пензиите, се изгубија работните места, но ние не дозволивме нешто да биде скратено и плус генериравме повеќе од 66 милијарди денари за му помогнеме на стопанството. Помогнавме на сите компании што имаа потреба од помош. Поминавме тежок период, но еве го поминавме, истакна Заев.
Тој, со доза на сарказам, истакна и дека има инвестиција, но која се наоѓа во Собранието.
-Во автомобилската индустрија исто имаме инвестиција, во Собранието е, но во кочници е инвестицијата, а го има грбот на партијата на Мицкоски. Да повторам, нема да дозволиме да не закочат, особено за проектите како автопатот со Кичево, Клиничкиот центар и други. Им понудивме да имаат мнозинство во контролата и надзорот на изградбата. Филипче да се труди и да не се откажува од идејата, бидејќи видовме колку е важно здравството, порача Заев.