23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Премиерот Заев на Првиот Економски Форум: Со регионално поврзување и ЕУ интеграции до поголеми инвестиции, стандард и економски раст

Премиерот Зоран Заев со воведно обраќање го отвори Првиот Економски Форум во Скопје во организација на Економскиот Форум од Делфи, Грција и на Грчката Бизнис Асоцијација во Северна Македонија, а во партнерство и соработка со домашните компании.

Премиерот истакна дека влегуваме во нова фаза на економски раст, кој ќе го придвижат зголемената регионална економска соработка, спроведувањето на сите потребни стандарди што се својствени за државите членки на ЕУ, како и посебниот Интервентен план за инвестиции ИПИ 2021 – 2027 за економски развој.

Меѓу учесниците на форумот се и премиерот на Албанија Еди Рама, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој ќе се обрати преку видео-конференциска врска, потоа вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи, министрите за финансии, Фатмир Бесими, за економија Крешник Бектеши, за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, за правда Бојан Маричиќ, гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, министерката за финансии и економија на Албанија, Анила Денај, амбасадорите на САД, Велика Британија, Германија, Грција и Полска во Северна Македонија, првите луѓе во канцелариите на Светска банка и на ЕБРД во земјава, Масимилијано Паолучи и Анди Аранитаси, како и домашни стопанственици, универзитетски професори и новинари, гости од Словенија, Србија итн.

Во продолжение Ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост.

„Почитувани дами и господа,
Почитувани организатори на овој значаен економски форум,
Ваши екселенции, почитувани министри, пријатели, соработници,
Претставници на медиумите,

Ми претставува голема чест и задоволство да го отворам Првиот Економски Форум во Скопје во организација на Економскиот Форум од Делфи, Грција и на Грчката Бизнис Асоцијација во Северна Македонија, а во партнерство и соработка со домашните компании.

Задоволството е уште поголемо што на Првиот Економски Форум овде во Скопје, денес сме сите заедно мои драги колеги од регионот, премиерот Рама, министри, амбасадори, бизнис лидери, градоначалници, комесарот Вархеји чие учество е онлајн, како и бројни драги пријатели и гости.

Упатувам честитки на организаторите за прецизно избраните теми кои во фокус ги имаат најсуштинските прашања кои ја засегаат Северна Македонија, регионот, но и светот, особено кога станува збор за правците за одржлив економски развој и глобална стабилност.

Верувам дека од секоја панел сесија ќе произлезат квалитетни заклучоци кои понатаму ќе бидат имплементирани во пракса.

Првиот Економскиот Форум во Скопје има голем потенцијал да прерасне во традиционален собир кој на највисоко ниво секоја година ќе обединува регионални и меѓународни политички лидери, амбасадори, претприемачи, истакнати личности од различни општествени сфери.

Северна Македонија ги негува европските вредности, демонстрира европски манири, политичка волја и гради добро-соседски односи, неопходни за економски просперитет и подобар стандард за граѓаните.

Пораката која на националните и регионалните медиуми се пренесуваше од Делфи Самитот во Атина кој се одржа пред еден месец, ја упатувам и тука од Скопје: „Потребен ни е економски просперитетен Балкан на 21 век, интегриран во Европската Унија“.

Денес, ќе додадам и Балкан кој живее во сегашноста и гради просперитетна иднината, а минатото е поука дека поделби и раздори меѓу народите на Балканот не водат никаде.

Горд сум што Северна Македонија постигна договор со Грција и што денес сме членки на НАТО. Поддршката од Грција ја имаме и на нашиот европски пат и благодарни сме на тоа.

НАТО членството значи сигурност и безбедност, но значи и можност за економски развој.

Нашата земја, ги исполни сите услови за почеток на преговорите по поглавја за членство во ЕУ што е безусловно потврдено од Европската Комисија, како и од огромното мнозинство на земјите членки.

И во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на сите земји членки на ЕУ кои ни ја даваат безрезервната поддршка овој процес да започне уште во текот на актуелното претседателство на Португалија со ЕУ. Посебна благодарност и за континуираната поддршка на Соединетите Американски Држави, на американскиот претседател Бајден со кој неодамна на маргините на Самитот на НАТО во Брисел имавме можност да поразговараме, пред сé за стратешките вложувања во енергетиката и американско-грчко-македонскиот гасен проект во Александруполи.

Почитувани,

На Првиот Економски Форум, сакам да упатам порака до инвеститорите, да ги искористат можностите и да го вложат својот капитал во Северна Македонија.

Владата креира поволен деловен амбиент и еднакви услови како за домашните така и за странските инвеститори.

Националната економија е стабилна и ќе расте.

Постигнавме висок раст за сите инвеститори, со вкупно производство од слободните зони што достигна 3,4 милијарди евра во 2020 година.

Инвестициите учествуваат со 46% во вкупниот извоз на национално ниво и учествуваат со 8% во националниот БДП.

Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони е фокусна точка за инвеститорите кои бараат поддршка да инвестираат во слободните економски и индустриски зони на Северна Македонија и останува клучен партнер за огромен број странски инвеститори во технолошките индустриски развојни зони.

Економијата во зоните во првиот квартал од 2021 година порасна за 30% во споредба со истиот период во 2020 година и 41% во споредба со 2018 година, што го прави рекордно високо во последните 4 години.

Позитивниот тренд продолжува и во април – имаме 7% раст на извозот во споредба со претходниот месец или 279 милиони евра. Во првите 5 месеци од оваа година потпишавме 15 нови договори со сегашни и нови инвеститори, само 5 се нови во индустриските зони. Вредноста на овие договори надминува 100 милиони евра во обем на инвестиции.

Дури и во време на пандемија, компаниите во зоните одржуваат стабилен број на вработени, над 14.000 вработени со тренд на зголемување. Во моментов повеќе од 30 компании, сегашни и потенцијални инвеститори, официјално ги изразија своите намери за инвестиции и во тек се преговори, со вкупен обем на инвестиции од над 425 милиони евра и нов план за нови 8.500 работни места.

Во следните недели се очекува затворање на најголемиот договор за странски директни инвестиции досега во Северна Македонија, со инвестиција поголема од 100 милиони евра. Тоа ќе биде досега највисоката директна инвестиција која се случила од основањето на ТИРЗ во изминативе 20 години.

Почитувани,

Влегуваме во нова фаза на економски раст, кој ќе го придвижат: зголемената регионална економска соработка, спроведување на сите потребни стандарди што се својствени за државите членки на ЕУ, како и преку посебниот Интервентен план за инвестиции ИПИ 2021-2027 за економски развој.

ИПИ ги опфаќа сите инвестиции кои се планира да отпочнат во земјава, вклучувајќи ги и приватните инвестиции на домашни и странски инвеститори. Тоа е стратешки документ со дефинирани елементи, како- вредност на планирани инвестиции од над 8 милијарди евра. Комплементарен план на ИПИ 2021-2027, во завршна фаза на подготовка е и Планот за финансирање на растот, со кој се отвораат сите можности за привлекување на приватниот капитал, комбинација на јавни и приватни инвестиции, преку создавање на законски можности за нивно спроведување, но и преку воведување на иновативни финансиски инструменти атрактивни за приватниот капитал.

Почитувани,

Она што следи сега е, прво, унапредување на регионалната трговска размена на стоки и услуги, како и движењето на луѓе, капитал и знаење, што претпоставува отстранување на сите постоечки бариери.

Второ, неопходно е надградување и на процесот на дигитализација во државата, преку обезбедување на дигитални вештини, дигитална инфраструктура и дигитална безбедност.

И потоа следи подобрување и на конкурентната способност на македонската економија, преку структурни промени низ „паметна специјализација“, подобрени вештини преку подобро образование, истражување и иновации и вклучување во постојните, како и креирање на нови индустриски вредносни вериги.

Во оваа прилика би сакал да напоменам дека од големо значење во контекстот на регионалната економска интеграција на Република Северна Македонија, како и на целиот Западен Балкан, но исто и во контекст на економската интеграцијата во ЕУ е и прифатената иницијатива за проширување на тнр. „Зелени коридори“. Тие коридори, на просторот на Западниот Балкан, беа воспоставени во текот на пандемијата, па сега е потребно нивно проширување кон транспортните коридори со соседните држави членки на ЕУ. Таа одлука е донесена, но, се појавуваат предизвици при нејзината имплементација.

„Зелените коридори“ се многу битни бидејќи, убедливо најголем дел од трговската размена како на Северна Македонија, така и на сите држави од регионот на Западен Балкан, се одвива со државите членки на ЕУ.

Република Грција и Република Северна Македонија се соседни држави, па воспоставувањето на ваков коридор за олеснета размена на стоки меѓу двете држави ќе има многу силно влијание врз идниот забрзан економски развој.

Дополнително, многу важен дел од идната визија за економскиот развој на Северна Македонија е и „зелената агенда“ и трансформација. Зелената агенда е јасен сигнал и чекор напред за поблиска интеграција во политиките на ЕУ во врска со климата и животната средина.

Спроведувањето на една таква агенда ќе ѝ помогне на земјава да ја трансформира економијата, преку примена на практики и стандарди што се ефикасни во однос на ресурсите, конкурентни и климатски неутрални. Но, секако дека тоа ќе бара многу посветена работа од страна на сите, за да се усогласиме со климатската цел на ЕУ за постигнување климатска неутралност до 2050 година.

Ќе бидат потребни значителни инвестиции, како и остварување на поамбициозни цели во областа на „кружната или циркуларна економија“, одржливото земјоделство и производство на храна.

И она што би сакал да го спомнам како последно во моето обраќање, но со еднаква важност, е спроведувањето на инвестициите што во Република Северна Македонија се планираат во доменот на енергетскиот сектор. Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година, предвидува комплетна енергетска трансформација на земјата и засилена конвергенција кон економија со низок степен на карбонизација. Енергетската трансформација се заснова на три столба: прво, значајно зголемување на учеството на обновливите извори на енергија во вкупната продукција на енергија, второ, зголемување на енергетската ефикасност и трето промена на владината регулатива во областа на енергетиката и водење на енергетски политики во согласност со стандардите на Европската енергетска заедница.

Почитувани,

Пандемијата уште повеќе ја нагласи потребата дека е неизбежно да се обединат општествата, владите и компаниите и да се адаптираат на новата реалност за да дизајнираат политики фокусирани на градење на еднаквост, инклузивност и одржливост на економиите.

Позитивните трендови на новата развојна македонска економија веќе се евидентни. Расте извозот, трговијата, регистриран е раст и во сферата на кредитирањето на бизнисите и граѓаните, а расте и просечната плата.

За годинава проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 10,6 отсто, бруто-инвестициите раст од 8 отсто, бројот на вработени да се зголеми, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност невработеност да се намали на 15,8%.

Масовната имунизација во земјата е во тек и во моментот пандемијата е под контрола, глобалната економија закрепнува и очекуваме дополнително зајакнување на надворешната побарувачка, што силно влијае на нашиот извоз.

Овој значаен настан денес, е уште еден чекор за подобрување и унапредување на политиките базирани на доверба и долгорочна визија.

Убеден сум дека следат нови успешни партнерства, пријателства и соработки, кои се витални и применливи за Владата на Република Северна Македонија.

Посакувам успешен ден!“

Линк до видео со инсери од Првиот Економски Форум во Скопје