24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Маричиќ: Со онлајн судењето ќе имаме побрзи постапки, а ќе заштедат и граѓаните!

60% поефикасни и потранспарентни судски постапки најави министерот за правда Бојан Маричиќ, преку спроведување на проектот за дигитализација во судството. „Дигитализацијата за жал во некои сегменти од општеството наидува на отпор, но отпор кон модернизацијата не треба да има“, вели Маричиќ, според кого на овој начин ќе се намалат и трошоците за граѓаните. За оваа намена министерот сподели дека наскоро ќе се дигитализираат двесте судници, а ќе следуваат и измени во законските решенија.

-Министерството за правда со директна помош на САД, ЕУ, ОБСЕ и Норвешка, целосно ќе дигитализира речиси 200 судници и 34 судови низ земјата. Тоа за граѓаните ќе значи побрзи и поевтини судски постапки што е наше големо ветување. Овој процес е во напредна фаза. Планот е направен, Владата го усвои и во наредните месеци следува практичната реализација на проектот, кој ќе биде дополнет и со промена на неколку закони, истакна министерот за правда на својот фејбук профил.

Од Основното јавно обвинителство претходно истакнаа дека се подготвени и имаат опрема за вклучување во онлајн судска постапка, но пак од судот нагласија дека им е потребна техничка поддршка, покрај измените во процесните закони што ги најави и Министерството за правда.

-Законите се пречка да се спроведуваат онлајн судења. Кривичниот суд и не располага со доволна техничка опременост, но можеби две до три судења е возможно се прават дневно, изјави неодамна претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев.

Досега единственото онлајн судење спроведено кај нас беше во Основниот суд – Кавадарци, преку електронската платформа за двонасочна комуникација Microsoft Teams, со што се овозможи судењата со сите инволвирани учесници да се одржат без нивно заедничко физичко присуство во зградата на судот.

– На овој начин, судот и сите други учесници во постапката, ги презедоа и обезбедија сите мерки за превенција, со обезбедување на социјалната димензија за време на воспоставената вонредна состојба, со цел за непречено одржување на расправите и преземање дејствија во текот на судските постапки, информираа од судот.