23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Новинарските организации бараат крајна внимателност при известувања за лични трагедии или самоубиства

Здружението на новинарите (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) ги повикуваат новинарите на максимално почитување на етичките стандарди и норми и воздржување од сензационалистичко информирање.

Реакцијата следи откако претходно денеска маж се обиде да скокне од зграда кај Мавровка, а дел од медиумите извстуваа за настанот. Мажот подоцна беше спасен и се повлече од намерата.

Новинарските организации потсетуваат на член 7 од Кодексот на новинарите, според кој „новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост“. Воедно, ЗНМ и Советот за етика во медиумите потсетуваат и на обврската на медиумите содржана во член 8 од Кодексот, според која „начинот на информирање во случаи на несреќи мора да биде ослободен од сензационализми“.

Овие членови од Кодексот јасно упатуваат на обврската на новинарите да известуваат за случаите на самоубиства или обидите само доколку станува збор за поширок јавен интерес или, пак, кога станува збор за јавни личности, со цел објективно да се информира јавноста и да се избегнат можните шпекулации. Но, и во тие случаи новинарите имаат одговорност да известуваат урамнотежено, со сигурни докази потврдени од релевантни извори и секогаш почитувајќи ги личната болка и жалост на најблиските.