26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката на комисијата за случајот со родилката Веаповска мириса на политика

Одлуката на комисијата на Филипче и претходниот обид за забошотување на случајот со родилката Веаповска мирисаат на политика, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Вчера, медиумите објавија скандалозна вест дека по неколку месеци, комисијата што ја формира министерот Филипче за случајот со родилката Веаповска, на која по породувањето ѝ биле отстранети три органи, нема пропусти, односно комисијата не констатира недостатоци, неправилности или пропусти во здравствената установа. Замислете, единствена грешка што ја утврдила комисијата по неколку месеци, било дека само погрешно бил евидентиран полот на плодот на родилката“, велат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ова е срам за целата лекарска фела и срам за државата.

„Родилка останала без три органи – матка, јајчник и бубрег, а комисијата не гледа никаква вина во постапката на лекување и третирање на пациентот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму додаваат дека случајот на родилката од Дебар се забошотува низ институционалните лавиринти речиси една година.

„Институциите со месеци играа пинг-понг и ја префрлаа одговорноста за по притисокот на јавноста, да се пристапи кон формирање комисија, која гледаме каква скандалозна одлука донела. Ова отвора сомнеж дека и последната одлука на комисијата на Филипче и претходните обиди за прикривање и забошотување на делото имаат политичка заднина. Со ова Филипче директно си зеде улога на прикривач на вистината за случајот со родилката од Дебар, Јилдиз Веаповска“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.