Предлозите на португалското претседателство не се прифатливи за бугарската страна, реагираат дел од бугарските медиуми во однос на португалскиот предлог-план за деблокирање на бугарското вето за преговорите на Македонија со ЕУ.
Бугарската новинска агенција БГНЕС оценува дека во суштина станува збор за план кој го враќа разговорот скоро една година наназад, односно за модификација на предлогот за кој се разговараше лани во Берлин.
„За разлика од пристапните преговори, во рамките на ПСА Бугарија е лишена од можноста за реагирање ако РСМ повторно не ги исполни своите обврски. Од документот станува јасно дека властите во Скопје мора да подготват патоказ, чиеа исполнување треба да се следи во рамките на ПСА, но тој има апсолутно козметички и неоперативен карактер. Во последните 4 години, PCM многукратно создаваше програмски документи, кои потоа демонстративно и арогантно не ги спроведуваше“, пишува БГНЕС, пренесе „Дојче Веле“.
Еден од предлозите во португалскиот документ бил „РСМ да признае дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година“.
Предлогот во Софија беше презентиран од страна на Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја која претседава со Советот на ЕУ, и еврoкомесарот за проширување Оливер Вархеји. Техничкиот министер за надворешни работи, Светлан Стоев по средбата со нив изјави дека не може да се очекува промена во националната позиција на Бугарија во однос на Северна Македонија.