Претседателот Стево Пендаровски истакна дека доколку законодавниот дом го изгласа втор пат законот за постапување по бесправно изградени објекти, тој ќе мора да го потпише указот бидејќи, како што рече, со првото непотпишување се исцрпуваат неговите уставни надлежности.
„Ако ме прашувате за мојата реакција доколку тој би дошол повторно кај мене, ставот е апсолутно јасен. Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам некаков претседател што има т.н. џебно вето, да не се произнесувам. Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство втор пат, се разбира, истиот ден ќе го потпишам иако имам серија забелешки. Според она што го кажа премиерот, ќе бидат земени предвид, ќе се разговара за нив, меѓутоа тука завршува мојата уставна надлежност. Ако решат буквално истиот текст да го усвојат со потребното мнозинство, немам избор“, рече Пендаровски.
Тој останува на ставот дека законот не е добар.
„Нема да бидам задоволен, се разбира, јас тоа не го напишав само за да бројам дека сум ставил вето на некој закон. По долги консултации со истакнати наши правни експерти, ми беше сугерирано дека тоа практично не е одржливо во неколку позиции. Она што јавноста претпоставувам го знае, во повторната расправа во парламентот ако дојде до пленарна расправа, таму пратениците може да расправаат или да даваат амандмани само на она што јас сум го напишал во образложението. Тоа се три правни основи, не може на која било друга одредба или дел од законот“, изјави Пендаровски.