Со задоволство сакам да соопштам дека денеска СДСМ одржа успешен 26. Конгрес, а веднаш потоа и прва седница на новоизбраниот Централен одбор на партијата, изјави на вечерашната прес-конференција, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Тој нагласи дека Социјалдемократскиот сојуз е како локомотива за напредокот на македонската држава и гарант за исправниот колосек кој, како што рече, води до подобра иднина за граѓаните.
„Денес СДСМ покажа силно, одлучно, вредно, социјалдемократско единство – СДСМ повторно покажа одговорност и државничко однесување. Тимот што победува не се менува, туку самиот го надградува и унапредува победничкиот менталитет. Таквата особина ја имаат државотворните партии како СДСМ“, истакна Заев.
Тој потврди дека на 26. Конгрес на партијата е избрана новата заменик-претседателка на СДСМ.
„Тоа е нашата другарка, Сања Лукаревска. Со нејзиниот избор, испраќаме уште една силна и недвосмислена порака: СДСМ е партија која гради човечки капацитети, родово рамноправна партија, која ги препознава и вреднува и младоста и квалитетот. Сања е еден од најсилните поддржувачи и спроведувачи на концептот Парите кај граѓаните, но и на редот и дисциплината во фискалните политики“, нагласи партискиот лидер.
Тој посочи дека новиот состав на Централниот одбор е освежен, однсно 2/3 од него се нови лица кои досега не биле членови на највисокиот орган на партијата, а остантите 1/3 веќе биле членови.
„Од 120 членови во новиот Централен одбор 60 се жени, 60 мажи – целосна родова еднаквост. Млади се 45 членови, што е застапеност од над 37,5 проценти, досега највисоко и кај нас во СДСМ и во било која друга партија во Северна Македонија. Подмладен значи и подобар СДСМ, прв во промените, прв во вредностите, носител на новото време. Младите се движечка сила на секоја партија, на секое општество“, порача Заев.
Тој нагласи дека меѓу членовите на ЦО има Македонци, но и припадници на албанската, турската, ромската, бошњачката, српската и влашката етничка заедница.
Заев информира дека Централниот Одбор денеска ја одржал и својата конститутивна седница.
„На седницата беа избрани претседавач на ЦО, членови на ИО на СДСМ, генерален секретар, организационен секретар, секретар за меѓународна соработка, како и четири потпретседатели на партијата. За претседавач на ЦО е избран Перо Костадинов, актуелниот градоначалник на Валандово. За членови на ИО се избрани: Ана Данева Маркова, Стефан Богоев, Нина Фити, Димитар Ковачевски, Милена Стефановиќ, Костадин Костадинов, Адријана Будимир, Благоја Бочварски, Рената Јајоска, Петре Шилегов, Софија Пејкова, Мухамед Зеќири, Мелиса Ценовска Серафимовска, Никица Бачовски, Тања Томиќ, Дарко Каевски, Јована Тренческа и Васко Ковачевски. Од 18 члена 9 се жени, 6 доаѓаат од младите редови на СДСМ“, истакна претседателот на социјалдемократите.
Заев потврди дека за генерален секретар на партијата е реизбран Љупчо Николовски.
„Партијата е во полн погон, а Љупчо ќе обезбеди уште позасилено дејствување на СДСМ како модерна, динамична, организирана, европска партија. И уште еднаш ја потврдуваме заложбата за уштепозасилена борба против корупцијата и криминалот, за ред, правда и дисциплина на сите полиња“, нагласи тој.
За потпретседатели на СДСМ, Централниот одбор ги избрал: Фатмир Битиќи, Мила Царовска, Оливер Спасовски и Венко Филипче, а организационен секретар назначен е Мартин Попов.
За секретар за меѓународна соработка избран е Бојан Маричиќ.
„Добивме нова свежина, нов полет кои заедно со искуството ќе придонесе за уште подобро функционирање на партијата во интерес на државата и граѓаните. Од 18 члена во ИО само 5 се од стариот состав, од четворица потпретседатели, двајца се нови“, нагласи Заев.
Претседателот на СДСМ подвлече дека заедно со новиот Централен одбор, Надзорен одбор, Извршниот одбор, но и со целото раководство, партијата и натаму ќе остане прва во промените.
„Сега заедно почнуваме ново четиригодишно поглавје, со јасно зацртани цели, пат на кој повторно ќе одиме заедно, храбро и одлучно. Тоа e патот напред за кој добро знаеме дека можеме да го пробиваме“, истакна Заев.