Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при посетата на општина Битола, во изјава за медиумите рече дека не се сложува оти СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ едногласно го донеле законот за легализација на дивоградбите.
„Тоа беше закон за кој разговаравме со Зоран Заев уште на онаа тет-а-тет средба, нели тоа беше еден од оние закони за кои опозицијата беше обвинета од страна на власта дека ги кочи, така што не би се согласил со тврдењето дека сложно го донесовме“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој обвини дека има неколку, како што рече, естрадни политичари во парламентот, кои настапиле со тезата дека опозицијата и власта заеднички го донеле законот.
„Се чудам зошто тие естрадни политичари не поднесоа неколку илјадници амандмани да го блокираат овој закон ако не се сложуваат, има и таква можност пратеникот во парламентот преку филибастеринг да блокира определени законски решенија ако види дека неговото право да го аргументира со амандмани и да интервенира му е скратено“, потенцира Мицкоски.
Во врска со информацијата дека претседателот Пендаровски не го потпишал законот за легализација на дивоградбите, лидерот на опозициската партија рече дека право на претседателот е тоа да не го стори, но дека во минатото ставил потписи на многу поштетни закони како за економијата така за граѓаните и за националните интереси.
„Потпишаа во минатото многу, многу поштетни закони и за економијата и за граѓаните, но и за националните интереси, така што ве упатувам, еве, да го прашате претседателот Пендаровски што го мотивирало да се одлучи на овој чекор“, истакна Мицкоски.