10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба Џафери – Мази: Северна Македонија и Албанија делат заеднички интереси во надворешната политика

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска се сретна со главниот преговарач за пристапување на Република Албанија во ЕУ, Зеф Мази.

Претседателот Џафери ги нагласи одличните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, со интензивен политички дијалог и соработка на сите нивоа и се заложи за натамошно продлабочување на соработката во многубројни области од заемен интерес. Тој се осврна на внатрешните состојби во земјата, како и посветеноста за надминување на децениските спорови со Грција и Бугарија, што придонесе Северна Македонија да добие членство во НАТО и зелено светло од страна на Советот на Европската Унија за почнување преговори за членство во Европската Унија. Претседателот Џафери се осврна на парламентарната дипломатија и улогата на Собранието во процесот на пристапување кон ЕУ, пред сè, преку измените на законите и донесувањето ново законодавство за реформските процеси.

Главниот преговарач Мази се осврна на пристапните процеси на Албанија кон ЕУ и истакна дека ги следи и вреднува резултатите на Република Северна Македонија во процесот на европска интеграција. Тој ја нагласи виталната улога на парламентите во спроведувањето надзор над владините чекори во преговорите и градењето на државните позиции во текот на преговорите. Мази изрази надеж дека по конституирањето на собранието на Република Албанија, ќе продолжи успешната соработка меѓу парламентите на двете земји бидејќи таа го помага процесот на евроинтеграција.

Џафери и Мази се согласија дека Северна Македонија и Албанија споделуваат заеднички интереси на надворешнополитички план во рамките на ЕУ и НАТО, регионалната соработка и посветеноста за сеопфатен развој на Западен Балкан. За земјите од регионот не постои алтернатива, нивната иднина е во ЕУ. Процесот на проширување не треба постојано да се одложува и Унијата треба да понуди конкретни перспективи за европската интеграција, а пред сè, одржување на првите меѓувладини конференции за Република Северна Македонија и Република Албанија, со кои ќе го означиме формалниот почеток на преговорите, се согласија двајцата соговорници.