27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев до Куенка: Ќе го паметиме гестот на шпанскиот Сенат за електронско гласање за ратификација на нашето членство во НАТО

„Граѓаните на Северна Македонија се особено благодарни и вечно ќе го паметат гестот што го направи шпанскиот Сенат кога овозможи електронско гласање на Протоколот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО, и тоа во исклучително драматични моменти на почетокот на пандемијата“, истакна премиерот Зоран Заев на средбата со претседателката на Сенатот на Шпанија, Марија Пилар Љоп Куенка.

Премиерот Заев објасни дека тој гест и поддршката на останатите земји-членки на НАТО била охрабрување и за евроинтеграцискиот процес и посветеноста на земјата кон негување и афирмација на европските вредности и спроведување на реформи согласно европските стандарди, особено во делот на владеење на правото и борбата против корупцијата.

Куенка истакна дека членовите на Сенатот ја препознале важноста на пристапувањето на Северна Македонија во НАТО и затоа со задоволство ги презеле сите пандемиски мерки за да обезбедат електронско гласање за да го затворат процесот на ратификација по што следуваше и формалниот прием на земјата за членка во Алијансата.

Претседателката Куенка потенцираше дека Шпанија продолжува силно да ја поддржува Северна Македонија и на европскиот пат и дека се препознаени постигнувањата и резултати за подобрување на институционалниот систем во земјата, што е особено важно при интеграцијата во ЕУ.