Со впишувањето на Охридското Езеро и Студенчишкото Блато во Светската рамсар-листа, нашата држава, по Преспанското и Дојранското Езеро, го доби третото и најголемо водно живеалиште од меѓународно значење, заведено под бр. 2449. Подрачјето е прифатено во согласност со сите 9 критериуми на Рамсарската конвенција и е со вкупна површина од 25.205 хектари. Со него ќе се управува од страна на трите општини: Охрид, Струга и Дебарца, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Впишувањето на Охридско Езеро и Студенчишкото Блато на Светската рамсарската листа значи меѓународно признавање и препознавање на специфичниот и богат биодиверзитет и ендемичните и ретки видови, како и присуство на голем број живеалишта и видови од национално и ЕУ-значење на ова подрачје. Од друга страна, тоа води кон негово помудро и поодговорно управување, подобрување на еколошкиот карактер на подрачјето и заштита на видовите и живеалиштата, поттикнување научноистражувачки дејности и меѓународна соработка, што секако ќе ги зголеми публицитетот и вреднувањето на подрачјето, ќе ја зголеми понудата за екотуризмот во регионот, а со тоа ќе се отвораат и поголеми можности за социо-економски развој и за финансирање“, велат од ова Министерство.
Нашата држава ја ратификува Рамсарската конвенција за водни или блатни живеалишта од меѓународна важност во 1991 година, објаснуваат од Министерството.