4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СПОРТ

СЗО: Форматот на Олимписките игри во Токио зависи од кoронавирусот

Светската здравствена организација верува дека Олимписките игри ќе се одржат ова лето во Јапонија и дека многу одлуки за нивниот формат може да се донесат во последен момент поради непредвидливите ризици од пандемијата на коронавирус.

„Се надеваме дека Олимпијадата ќе се одржи“, рече директорот на програмата на СЗО за вонредни ситуации, Мајк Рајан.

Тој истакна дека е охрабрувачки што процентот на позитивни случаи на Ковид-19 во Јапонија се стабилизира и дека властите презедоа многу систематски пристап во управувањето со овој ризик.

Тој верува дека Токио ќе донесе одлуки при организирање на Игрите, што истовремено ќе ги ограничат социјалните контакти што би го ширеле коронавирусот.

„Некои одлуки, како што е бројот на гледачи, може да се донесат само непосредно пред отворањето на Игрите врз основа на бројот на нови случаи на Ковид-19, а познато е дека Јапонија веќе објави дека на публиката од странство ќе ѝ биде забрането да присуствува и дека целиот настан ќе биде без публика“, додаде Рајан.

Јапонија денеска ја продолжи вонредната состојба во Токио и во неколку други префектури до крајот на мај за да се запре ненадејното зголемување на случаите на коронавирус, но премиерот Јошихиде Суга повтори дека сѐ уште е можно да се одржат Олимписките игри во текот на летото, како што беше планирано од 23 јули, по минатогодишното доцнење.