25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Тогаш новинарите се плашеа од министрите, сега министрите се плашат од новинарите

Кога се зборува за слободата на медиумите и новинарското известување и при тоа се прави споредба со ситуацијата од пред неколку години едно е сигурно – тогаш новинарите се плашеа од министрите, денес министрите се плашат од новинарите. Се плашат дека ако погрешат, ако украдат или не ги почитуваат правилата на однесување стануваат лесна мета за новинарите. Тоа произлегува само од едно, оваа власт, како што нотираат извештаите на меѓународните организации, нема контрола врз медиумите и создава простор за критички, независни и објективни медиуми. Во такви услови, кога новинарите имаат слобода за истражување и критика, функционерите се изложени на поголем притисок од јавноста, тоа ги прави поодговорни, така институциите стануваат попрофесионални и поблиски до граѓаните, што е суштината на една држава.

ПРЕТХОДНИТЕ ТРОШЕА ПО 7,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРОПАГАНДА

Како се направи пресврт во состојбата со медиумите и слободата на новинарите? Уште во 2017 година, еден од првите потези на Владата на Зоран Заев беа измените во членот 102 од Законот за аудио и аудиовизулни медиумски услуги. Тој член стави забрана на владиното рекламирање низ медиумите, што Владата на ВМРО ДПМНЕ го користеше за корупција на медиумите, а за возврат добиваше наклонетост на уредувачката политика. Така се слеваа милиони евра народни пари во голем број медиуми кои Никола Груевски ги имаше под своја контрола. Така новинарите се плашеа од министрите, односно од своите газди, а овие пак беа купени од власта.

Бројките, а тие се факти, покажуваат колку Владата на ВМРО ДПМНЕ трошела во маркетинг и во корупција за медиумите. Во 2014 година потрошила 7,5 милиони евра за односи со јавност и за медиумска пропаганда, во 2015 година потрошила 5.5 милиони евра, во 2016 година 1.1 милиони евра, а вкупната сума за 2017 година за владиниот ПР сектор изнесуваше 530.000 илјади евра, без ниту една владина реклама по медиумите.
Тоа е 14 пати помалку во споредба со 2014 година, кога замавот на ВМРО ДПМНЕ беше силен и на прсти се броеја објективните медиуми.

ФРИДОМ ХАУС 2021: ИМА НЕЗАВИСНИ МЕДИУМИ СО ВЕРОДОСТОЈНО ИЗВЕСТУВАЊЕ

Во извештајот на организацијата Фридом Хаус за 2021 година генералната оценка е дека Владата на премиерот Зоран Заев направила пресврт во однос на повеќегодишното претходно уназадување на демократијата и дека сериозно прашање за државата е тоа што ЕУ не го одржа ветеното дека земјата ќе го започне процесот на преговори на крајот од 2020 година. Годинешната оценка за државата е 66 од можни 100 поени, што е за три поени напредок од лани. Извештајот констатира дека работата на невладините организации е слободнa и безбеднa со сериозни промени за разлика од периодот до 2017 година. Нотирано е дека расте бројот на критички и независни медиуми особено на онлајн платформите. Се истакнува дека во последните години за инцидентите со напад врз новинарите се спроведуваат постапки и дека редовно институционално се процесуираат сите пријавени предмети за физички или вербален напад врз медиумските работници.

Уште во 2018 година во извештајот на Фридом Хаус беше забележано дека Северна Македонија е светла точка која забележува подобрување во демократијата како начин на владеење. Тогаш, во 2018 година државата за прв пат напредуваше во оценките од 2010 година. Во последните три години бројките за демократија, слобода и транспаретност одат во нагорна линија, а сето тоа создава подобар амбиент за медиумите и критичкото новинарство. Медиумите се споменуваат и во извештајот на Фридом Хаус за 2020 година со забелешка дека државата има подобрување во изборниот процес поради добро организираните претседателски избори и подобрување во независноста на медиумите како резултат на пообјективно и поверодостојно известување.

РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ: НАПРЕДОК ВО УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА НА НОВИНАРИТЕ

Северна Македонија и оваа година се искачи повисоко на Светската листа на слободата на медиумите што секоја година ја објавува „Репортери без граници“. Оваа година нашата земја е на 92 место, што е за три места повисоко од позицијата на која беше минатата година кога беше на 95 место, односно кога постигна скок од 14 места од претходниот период. Во извештајот за оваа година се истакнува дека повисокото место на Северна Македонија на светската листа на слободата на медиумите е резултат и на самоорганизирањето на медиумските организации кои во меѓувреме го донесоа Регистарот на професионални онлајн-медиуми.

Дополнително, како причина за скокот се наведува напредокот и во однос на условите за работа на новинарите и утврдени во Повелбата за услови за работа за новинарите, како и нацрт фер-договори за вработување во дигиталните медиуми промовирани од Независниот синдикат на македонски новинари и медиумски работници (ССНМ) во соработка со ЗНМ и СЕММ, кои се однесуваат на почитување на работнички права, слободата на изразување, како и етички и професионални стандарди на сите новинари и медиумски работници. Сето ова влијае врз независноста и објективноста на медиумите, чие веродостојно известување ги подобрува слободата и демократијата.

Кога медиумите се независни тие може да бидат вистински коректор на власта, а власта преку аргументираната новинарска критика го подобрува своето однесување и покажува поголема грижа за граѓаните и процесите. Тоа значи дека Владата мора да ги прави институциите транспарентни и отворени, кон граѓаните и кон медиумите.

ACTION SEE: СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ИМА НАЈОТВОРЕНА ВЛАДА ВО РЕГИОНОТ

Истражувањето на ACTION SEE поддржано од Европската Унија покажува дека Владата на Северна Македонија е лидер за отвореност во споредба со државите во регионот. Кај нас мониторингот врз институциите се спроведува од страна на Фондацијата „Метаморфозис“, и отвореноста на Владите ја мери преку четири критериуми: транспарентноста на институциите, пристап до информации, интегритет и свесност.

Според последното истражување на „Action SEE“ за транспарентност, отвореност и отчетност на извршната власт во регионот на Западен Балкан објавено минатата година, Владата на Република Северна Македонија, заедно со Црна Гора се издвојуваат во регионот според индексот на отвореност, кој изнесува 78% во однос на исполнување на индикаторите. Трендот е растечки во последните две години и донесе пресврт во рангирањето на нашата земја, ако се знае дека во 2016 година бевме на последното место со само 52% исполнети индикатори.

Сите овие извештаи, но и реалноста е дека се запрени репресијата, диктирањето и контролата, а на јавната сцена доминираат слободата на изразување, гласната критика и натпреварот со идеи и аргументи. Запрено е неконтролираното трошење буџетски пари со цел владино рекламирање и со скриена цел корумпирање на медиумскиот пазар. И она што е најважно, денес, за пробивот во вести и за привлекувањето на интересот на јавноста подаеднакво се борат и владата, и опозицијата, и бизнисите, и граѓанското општество. Нема веќе подредени и привилегирани медиуми, ниту нарачани вести. Едноставно демократијата и слободата создаваат објективни и критички медиуми.

извор 24инфо.мк