Добро е што ВМРО-ДПМНЕ, конечно, признава дека ја поддржува дигитализацијата и не треба да се грижи дали МОН нема капацитети да ја спроведе, реагираат од Министерството на обвинувањата на опозициската партија. Од таму велат дека подготовката на новата програма, материјалите, како и сите потребни капацитети, се одвиваат со потребната динамика и дека сѐ ќе било подготвено за почетокот на следната учебна година.
„Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, барајќи целосно нови печатени учебници, и понатаму се обидува да ги заштити милионските ексклузивни договори со одредена група издавачи наспроти квалитетните и модерни материјали што ги нуди новото законско решение и е во најдобар интерес на учениците. Нови, современи и достапни за секого учебници ќе има, а дигитализирањето на дидактичките материјали ќе значи само унапредување на наставата и осовремeнување на начинот на учење овозможувајќи им на новите генерации квалитетно образование.
Во интерес на објективно и точно информирање на граѓаните, родителите, учениците и наставниците известуваме дека новото законско решение предвидува комбиниран модел на примена на учебници и други наставни и дидактички материјали. Ниту еден ученик нема да биде исклучен од наставата, учениците од прво до трето одделение ќе добиваат печатени учебници, а за учениците од четврто и во погорните одделенија приоритетна опција се дигиталните учебници и условите за нивна употреба ќе му бидат овозможени секому. Она што ќе го нема се милионските тендери за печатење учебници, од кои дебело со години се офајдуваше ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во рекацијата на МОН.
Како што објаснуваат од Министерството, со новиот закон првпат е обезбеден пристап до учебниците што ученикот треба да ги користи.
„Па, така, за учениците што се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците што поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. Првпат се обезбедуваат и учебници во аудиоформат, а воедно се печатат и учебници на Брајово писмо.
Со новиот закон се става крај на неквалитетните учебници што уништуваа генераци и ученици, учебници што беа полни со дискриминаторски содржини, стереотипи, говор на омраза и поделби и тој не смее да биде причина за бојкот на наставата“, додаваат од МОН.
Од таму порачуваат учениците и родителите да ги следат официјалните канали на комуникација на Министерството за образование и наука и другите надлежни информации, кои секојдневно транспарентно ја информираат јавноста за законот за учебници.