Љупчо Николовски, вицепремиерот за борба со корупцијата, на денешната прес-конференција рече дека подготовката на Законот за проверка на потеклото на имот е она што, како што вели тој, ја плаши опозицијата.
Пред неколку дена имаше информација во јавноста дека е изработена физибилити студија за потребата од носење на вакво законско решение, односно ќе треба да се докажува на кој начин е стекнат имотот и капиталот, во случај кога постои сомневање дека стекнатиот имот и капитал ги надминува редовните одданочени приходи.
– Имаме политичка опција која ги потсети граѓаните на времето на режимот, на тепачките, на харањето, на несигурноста. Денес имаме меѓународни институции кои потврдуваат дека сме слободна земја. Законот за проверка на потекло на имот е еден од проектите од кои што се плашат. Со тоа Владата потврдува дека е на вистинскиот пат, рече Николовски, на прес-конференцијата на која беа претставени новите униформи за шумската полиција.
Државната комисија за спречување на корупција уште од лани бара од новите пратеници да донесат Закон за потекло на имотот, бидејќи не секогаш оној кој се стекнува со имот, го става имотот на свое име.