25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Заев: Нема ништо да го избрише, ниту да го смени фактот дека на 27 април 2017 година, имаше организирана и со насилство спроведена монструозна акција од лидерите на тогашната владејачка партија

Фејсбук статус на премиерот Зоран Заев:

Сите обиди да се бришат белезите низ кои е запаметен 27 април 2017 година како најмрачен ден во поновата македонска историја се залудни и се израз на апсурдната и бесмислена намера да се прикажат како патриотизам дивеењата низ храмот на демократијата. Опасни и антинародни се обидите тепањето и влечењето по подот пратеници претепани до бесознание и насилството врз новинарите да се прикажува како одбрана на Устав.
Тој ден се обидоа да го погазат народот и да ја доведат државата на работ на граѓанска војна само за да ја одбранат политичката иднина на човекот кој потоа истите тие свои следбеници ги осуди и избега од правдата.

Нема ништо да го избрише, ниту да го смени фактот дека на 27 април 2017 година, имаше организирана и со насилство спроведена монструозна акција од лидерите на тогашната владејачка партија кои беа решени да се задржат на власт по секоја цена, без најмало чувство за одговорност и за последиците на нивните мрачни амбиции.

Упадот и обидот за окупација на домот на македонската демократија беа агресија против секој граѓанин на Република Северна Македонија, против темелите на парламентаризмот и претставуваат предавство на идеалите и принципите на слободата и демократијата.
Денес, сѐ уште се чини неверојатно дека безумието отиде до таму што некои од насилниците, за да го реализираат нивниот монструозен план и намера, биле подготвени и за ликвидации.

За да не се случи голема трагедија и најлошото, помогнаа разумот и присебноста на мнозинството од пратениците, храброста на поединците и силниот порив кај секој од нив, за безумието да заврши без трагични последици.

Сите намери и мотиви се разобличени низ независна истрага и низ повеќе судски процеси, во исказите на сведоците и непосредните учесници во тие застрашувачки дејанија во Собранието.

Застапниците на слободата и демократијата сепак победија. Мнозинската волја на граѓаните, застанати зад идејата за едно современо општество, ја донесе одлуката за поинаква, граѓанска, демократска Северна Македонија. Демократското водство презеде дополнителни историски чекори да ја стави земјата во редот на слободните и напредни демократии, што се потврди со прифаќање Северна Македонија да стане полноправна членка на НАТО и безусловната препорака да ги отпочне преговорите со ЕУ.