Премиерот Зоран Заев, обраќајќи се на панел-дискусијата на тема: „Со инвестиции во иновации до одржлив економски раст“, во организација на Фондот за иновации и технолошки развој, а по повод 21 Април, Светскиот ден на креативноста и иновативноста, истакна дека со иновативноста и креативноста се надминуваат предизвиците од минатото и сегашноста и се создаваат промени за подобро утре.
„Посветеноста на компаниите за постојан развој базиран на трансфер на знаење и на унапредување на сопствените технолошки процеси низ иновативни решенија придонесува поквалитетни и поконкурентни производи и услуги, создавање нови работни места и економски раст и развој на секоја компанија одделно. Стремејќи и остварувајќи ги овие цели, вие учествувате и со подобрувањето на бизнис-климата во земјата и за создавање услови за развој на конкурентските капацитети на компаниите за да бидат покомпетентни и на европскиот и на светскиот пазар. Во оваа насока улогата на Фондот за иновации и технолошки развој како кредибилен партнер за поддршка на иницијативите на компаниите е веќе сериозно препознаен“, истакна Заев.
На настанот беше потенциран успехот што го бележи ФИТР во изминатите неколку години преку поддршка на повеќе од 550 компании. Претставниците на иновативните компании, кои беа дел од дискусијата, се осврнаа на тоа колку за нив била важна поддршката од ФИТР не само во финансиска смисла туку и во целиот процес, од идеја до реализација. Заклучокот беше дека за успешни компании со конкурентни и иновативни продукти неопходна е поддршката од Владата, но и партнерскиот однос помеѓу компаниите, особено при промоција надвор од границите на нашата држава.
На јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст, кој воедно е дел од петтиот пакет антикризни мерки, како што беше потенцирано, пристигнале дури 706 апликации, од кои 540 се од компании што аплицираат првпат, а 207 се стартап-компании.
За довербата во програмите на Фондот за иновации и технолошки развој и на економските политики на Владата говори и фактот што компаниите што аплицирале се подготвени да учествуваат со свој дел и сите заедно се подготвени да инвестираат околу 27 милиони евра сопствени средства.
Овој јавен повик следува по јавниот повик на ФИТР за поддршка на компаниите за брзо приспособување и надминување на последиците од Ковид-19, што беше дел од третиот пакет антикризни мерки.
За 2021 година, ФИТР ќе објави јавни повици за финансирање преку повеќе финансиски инструменти во износ од 17,5 милиони евра. Од портфолиото на Фондот во тек е реализацијата на проекти од 550 компании во вкупна вредност од 77 милиони евра, беше истакнато од страна на надлежните.