24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Вицепремиерот Битиќи на „Форумот на добри компании“: Владата е фокусирана на развојот на социјалното претриемништво, создаваме можности за секого

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на покана на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Јавност“ и Германското здружение за меѓународна соработка (GIZ), се обрати на „Форумот на добри компании“, одржан преку видео конференциска врска, каде зборуваше за предизвиците со кои се соочува општеството во период на кризата со пандемијата од Ковид – 19, како и за преземените активности од страна на Владата за надминување на овие предизвици, закрепнувањето во пост-ковид периодот и одржливиот и инклузивен развој на Република Северна Македонија.

Вицепремиерот, во своето воведно излагање посочи дека ковид кризата имаше особено влијание на ранливите групи на граѓани. Една од поуките коишто се извлечени и кои што произлегуваат од оваа криза е дека и внатрешните проблеми на земјите се совпаѓаат со проблемите на глобален план и токму затоа е особено важно да се работи на надминување на проблемите и предизвиците со инклузивен пристап, а основните вредности секогаш мора да се засноваат на идејата да се грижиме едни за други.

„Верувам дека светската економија ќе има сериозно поместување кон социјалната економија, каде што центарот на вниманието ќе им припаѓаат на општествено одговорните компании, оние кои работат за добро на општеството, а кои преку генерирање профит создаваат можности од голема важност за ранливите групи на општеството. Социјалното претприемништво е нешто на што сите треба да се фокусираме. Верувам дека во светот има многу неискористени можности на полето и дека многу идеи ќе бидат претворени во големи социјални бизниси кои ќе одговорат на многу социјални предизвици, помагајќи му на општеството да стане посилно, подобро и поразновидно. Владата на Северна Македонија го препозна големиот потенцијал на социјалното претприемништво и ние сме подготвени да го прилагодиме нашиот систем за нови идеи и нови начини на создавање бизнис со цел да изградиме инклузивно општество“, нагласи Битиќи.

Битиќи потстети дека од 2018 година, Владата на Република Северна Македонија, преку Националниот совет за одржлив развој, ја потврди заложбата за спроведување на Агендата на Обединетите нации 2030 година и ја истакна важноста за стабилна интеграција на Целите за одржлив развој во националните стратешки документи и локалните планови.

„Ние сме посветени на постигнување на 17-те цели како дел од Агендата 2030 година, универзална рамка за зајакнување на колективните активности кон остварување на заедничките цели и предизвици. Работиме со голем фокус на намалување на сиромаштијата, подобрување на здравјето и добивање благосостојба, подобрување на квалитетот на образованието, добивање почиста животна средина преку создавање на одржливи градови и заедници со достапна и чиста енергија, подигање на климатската свест и акција, намалување на нееднаквоста и родова еднаквост, создавање мир, правда и силни институции заедно со пристојна работа и економски раст и зајакнување на индустријата, иновациите и инфраструктурата“, додаде Битиќи.

Вицепремиерот уште еднаш се осврна на инклузивноста кон која пристапува Владата во процесот на креирање на национални стратегии, политики и мерки и посочи дека најдобрите решенија и победи се добиваат кога во нивно создавање се работи зедно.

„Иднината лежи во подобрувањето на светот, а подобрувањето на светот ќе биде можно само ако сите станеме обединети, работиме заедно и тежнееме кон истите цели, создавајќи можности за секого и имајќи голема свесност дека секој заслужува да биде вклучен “, заврши вицепремиерот Битиќи во своето воведно обраќање на „Форумот на добри компании“.

На овој форум свое обраќање имаше и амбасадорката на СР Германија во нашата земја, Н.Е.Анке Холштајн, како и извршната директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Јавност“, Климентина Илиевски, а на панелите планирани по официјалното обраќање, дискутираат и ретставници на реномираните меѓународни компании Икеа и Декталон, претставници од Меѓународната организација на трудот (ILO) и Европската комисија, како и други реномирани говорници.