24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Високи функционери од власта се директно инволвирани во „Мафија“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, потенцира дека е јасно како ден оти високи функционери од власта се директно инволвирани и директно раководеле со операцијата делење и фалсификување пасоши бидејќи вработените службеници во МВР, кои фотографираат и ги изготвуваат документите, сигурно не се запознале со голем дел од криминалците, меѓу кои се Седат Пекер, Вукотиќ и другите. Службениците си ја вршеле својата работа како и со сите други што имаат потреба да извадат одредена документација, а акцијата ја координирале луѓе од власта.

Тој истакна дека е несериозно за една земја криминалци како Седат Пекер по три месеци да престојуваат во Република Македонија, да се забавуваат и фотографираат со коалициските партнери на СДСМ, а во меѓувреме тој да не е приведен или уапсен за она што го правел тука во однос на пасошот.

„Фактите говорат дека штом тој лесно се движел во земјата и функционирал нормално, тогаш зад него стоеле високи функционери на власта, кои директно му помагале и го штителе во тек на неговиот престој.

Јован Вукотиќ неколкупати полетувал од аеродромот во Петровец, бил уредно легитимиран и проверен по што отпатувал од земјата. Тој самиот вели дека неговиот пасош не бил изваден по нелегален пат, туку дека сите податоци се точни, освен неговото име. По ваквите случаи, ниту МВР ниту премиерот не излезе со јавна осуда за овој чин, а дополнително на тоа, не се повлечени и уништени тие пасоши, што дополнително ја разбиструва сликата за тоа кој е креаторот на целата оваа афера“, истакна претседателот Мицкоски.

Според Мицкоски, фактот што Владата сѐ уште молчи и не се произнесува со информации дали се поништени овие патни исправи и дали некој воопшто одговара за овој случај говори за тоа дека овие матни зделки и афери се случуваат секојдневно и тие не знаат од каде да почнат.

„Додека тие молчат, овие луѓе сѐ уште во своја сопственост имаат фалсификуван пасош, кој никој од властите не им го поништува. Тоа е сликата за власта во Република Македонија и за безбедносниот систем, кој е повеќе од разрушен“, објасни Мицкоски.