23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев: Владата успеа преку концептот на транспарентност да ги доближи институциите до граѓаните

Основната цел на Отвореното владино партнерство, а и на оваа Влада се конкретни заложби за промовирање на транспарентност, поддршка на граѓанското учество, борба против корупцијата и искористување на новите технологии во јавната администрација и надвор од неа со поддршка на иновациите, истакна премиерот Зоран Заев на владината седница, на која посебна точка беше посветена на концептот на Отворено владино партнерство (ОВП). Со таа цел на седницата се приклучи и генералниот директор на ОВП, од канцеларијата во Њујорк, Санџај Прадхан.

„Владата успеа преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност да ги доближи институциите до граѓаните. Тие се вклучени во процесите за креирање на сите владини политики, како единствен начин да имаме политики, закони, стратегии кои одговараат на интересите и потребите на сите граѓани“, истакна премиерот Заев.

Тој се осврна и на моделот на обврска на претходно јавно објавување на договорот со операторот по завршена јавна набавка, а пред да почне да се реализира проектот. Тоа заштедува стотици милиони евра.

„Преку промоција и поддршка на Oтвореното владино партнерство започна и иницијативата ‘Отворен трезор’ преку која се отворија трезорските трансакции на национално и локално ниво, па Владата овозможи поголем увид во трошењата. Алатката придонесува и кон намалување на корупцијата и неефикасните трошења. Во тој контекст го креиравме и порталот за отворени податоци, каде институциите во отворен формат ги објавуваат податоците кои се во интерес на медиумите, бизнис-заедницата, но и сите граѓани. Овие податоци понатаму можат да се користат за најразлични анализи, планирања, развивање на нови бизнис-идеи. Дигитализацијата и новите технологии ни овозможуваат брза и лесна комуникација. Дигиталните технологии ни овозможуваат консултациите со граѓаните и граѓанскиот сектор да бидат секојдневна и редовна појава. Ниеден политичар повеќе нема оправдување дека немал доволно време или шанса да се консултира со сите заинтересирани страни.

Во своето обраќање, директорот на ОВП Санџај Прадхан, се осврна на главните цели кои треба да се постигнат со новиот петти Национален акциски план за ОВП во Северна Македонија за периодот од 2021 до 2023 година.

„Првата цел е градење доверба кај граѓаните. На глобално ниво, довербата на граѓаните во владите падна на најниско ниво во историјата. Според индексот на перцепција на демократијата во 2020 година, 57% од граѓаните што живеат во демократски држави сметаат дека нивната избрана влада ретко или никогаш не дејствува во јавен интерес. Довербата на граѓаните на глобално ниво падна уште повеќе за време на пандемијата. Пристапот на Отворено владино партнерство може да помогне во градење довербата во институциите. Втората цел е градење доверба кај инвеститорите, што е од клучно значење за заживување на економијата. Отворените влади мора да се борат против корупцијата и да овозможат еднакви можности за работа на бизнис-секторот. Третата цел се однесува на агендата за пристапување кон Европската Унија. Принципите на ОВП можат да бидат од витално значење за исполнување на приоритетите утврдени во Оперативната програма 2020-2024 за унапредување на членството во ЕУ“, истакна Прадхан.