По денешната средба во Собранието со претседателите на опозициските албански политички партии, Алијансата за Албанците и Алтернативата, Зијадин Села и Африм Гаши, како и со пратеничката Илире Даути од Алијансата за Албанците, премиерот Заев рече дека имале успешна средба и сериозен напредок во разговорите во однос на донесувањето на законските одредби за стекнување државјанство.
„Имавме исклучително успешна средба и сериозен напредок во разговорите. Двете страни дојдовме подготвени и верувам дека до крајот на неделата, врз основа на анализата што ќе ја направат експертите од МВР, ќе можеме да финишираме со законското решение за државјанствата. Врз основа на тој напредок разговаравме на сите отворени прашања што беа предлог во законското решение од Алијансата на Албанците и Алтернативата и се изнајдени механизмите за изнаоѓање решение. Не би зборувал за деталите заради тоа што овде сме политички претставници и сега треба и експертите да ги номинираат предлог-решенијата како анализа да ги стават на хартија за да го процесираме конечно законското решение. Секако, во тој дел Алијансата за Албанците и Алтернативата ќе ги информираат и ВМРО-ДПМНЕ и Левицата затоа што тие доставија амандмани, но мислам дека денеска направивме сериозен исчекор во поглед на решавање на ова важно прашање“, рече Заев.
Тој додаде дека анализите биле од голема помош, во кои се виделе детаљно бројките колку граѓани немаат државјанство, а се родени овде и колку граѓани се со природување, односно со стапување во брак, со враќање назад во земјата и слично, бараат државјанства.
Целта, како што истакна Заев, е до крајот на неделата да се оформи законскиот текст и веќе следната недела парламентот да се изјасни по самото законско решение.