„Имавме долга координација во текот на денот во собранието, меѓу пратеничките групи, владата и секако претседателот на сообранието, мислам дека скоро сите пратенички групи се согласни дека час поскоро треба да се усвои Законот за попис. За жал, не успеавме вечерва да договориме благодарение на една опозициска група. Законот е предложен во процедура со европско знаме и по скратена постапка, тоа значи дека повеќе од два или три дена не може да трае целата постапка што е од највисок интерес за државата, затоа што утре, според постоечкиот закон, треба да започне пописот.“- изјави министерот за правда, Бојан Маричиќ, во вестите на телевизија Сител.
Дополни дека, ако Заводот за статистика утре започне попис според се уште важечкиот закон, тогаш таквите активности ќе се сметаат како дел од пописот.
„Доколку во Заводот за статистика го следат словото на законот треба да се започнат некакви активности. Какви активности да преземат тоа ќе биде нивна проценка од практичен аспект, но кои и активности да бидат преземени тие ќе бидат важни, ќе имаат важност за целиот процес, така што доколку почнат со попишувачки активности утре, тоа ќе значи дека тие активности ќе важат исто како што важат за дијаспората.“- дополни Маричиќ.
Оцени дека навреме започнала целата процедура со одложување на пописот, затоа што конечната одлука за тоа произлегла од лидерската средба во понеделникот и дека целата работа ќе била вечерва завршена доколку не дошло до противење на една пратеничка група.