23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Средба Заев – Фенгхе, испратена порака за забрзување на испораката на кинеските вакцини

Премиерот Зоран Заев прими делегација на Министерството за одбрана на Народна Република Кина, предводена од министерот за одбрана, генерал Веи Фенгхе.

Претседателот на Владата, Зоран Заев, во своето обраќање пред гостите од НР Кина нагласи дека двете земји ги исполнуваат своите обврски од договорот за соработка во сферата на одбраната, особено во делот на военото образование и обуките, информираат од неговиот кабинет.

Додаваат дека Заев на средбата апелирал до министерот за одбрана, генерал Веи Фенгхе, да пренесе до надлежните институции во НР Кина дека Северна Македонија очекува да се забрза испораката на набавката од 200.000 вакцини од компанијата „Синофарм“ за да бидат вклучени во процесот на имунизацијата во земјата, која почнува утре.

Генерал Веи Фенгхе на средбата истакнал дека оваа порака ќе им биде веднаш пренесена на надлежните институции во НР Кина за да се потврди пријателството меѓу двете земји и за време на актуелната криза предизвикана од Ковид-19.

Премиерот Заев особено се задржал и на економската соработка меѓу двете земји и изразил надеж дека работните тела на министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и НР Кина набргу ќе ги завршат разговорите за укинување на визите, со што ќе се постигне уште еден значаен чекор за уште поголем раст на трговската соработка, како и за интензивирање на соработката во туризмот.

Укинувањето на визите, рече на средбата премиерот Заев, ќе помогне да се оствари амбицијата на двете земји трговската размена в година да ја достигне вредноста од 1 милијарда американски долари, која во 2020 година достигна до 763 милиони долари.

На средбата во Владата, на која присуствуваше и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, премиерот Заев истакнал дека оваа официјална посета на Министерството за одбрана на НР Кина е уште една значајна потврда на добрите односи меѓу двете земји, кои во последните години имаат позитивен и нагорен раст.

Министерот за одбрана на НР Кина, генерал Веи Фенгхе, на средбата во Владата го пренесе своето и задоволството на владата на својата земја за степенот на соработка на двете министерства и особено од остварувањето на позитивните трендови во економијата, кои произлегуваат од консензуалниот договор меѓу Северна Македонија и НР Кина за унапредување на релациите меѓу стопанските субјекти на двете земји, известуваат од владините служби.