Еден преглед на судските постапки кои се поврзани со предметите на СЈО кажува дека изминатите три-четири години сепак не биле само залудно потрошено време, пишува Независен весник.
Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, вчера излезе со предлог да се формира посебна агенција која ќе има специјални овластувања за гонење на корупцијата и организираниот криминал, односно некој вид истражно „СЈО“, откако првото заврши неславно по откривањето на аферата „Рекет“. Дали е неопходна таква институција и дали се навистина мали резултатите во гонењето на организираниот криминал и корупцијата, најдобро се гледа ако се направи анализа на случаите од висок профил на СЈО и на Јавното обвинителство. Таа покажува дека од 2017 година, кога започнаа првите судења покренати од СЈО па досега изречени се пресуди од над 350 години ефективен затвор во високопрофилни случаи, иако некои од нив треба да ги потврди Апелацискиот суд.
И покрај чувството во јавноста за продолжување на климата на неказнивост, анализата покажува дека еден од симболите на режимот, Сашо Мијалков, освен што доби 12 години затвор за обвинението за прислушување, се соочува со затворски казни уште во четири предмети на СЈО – „Титаник 2“, „Трезор“, „Тортура“ и евентуално „Империја“, која сѐ уште е во фаза на истрага. Пребеганиот Никола Груевски веќе заработи две затворски казни од вкупно 3 години и 6 месеци, додека Гордана Јанкулоска има две изречени затворски пресуди од вкупно 8 години, а ја чека уште еден голем случај –„Титаник“. Против Груевски, пак, течат судења за уште пет предмети, а застаре само еден – „Траекторија“.
Од вкупно 40 процеси за висока корупција, вклучувајќи го и „Рекет“ со Катица Јанева, целосно се завршени седум, а потврди од Апелацискиот суд се чекаат за уште четири – „Таргет-Тврдина“, „Титаник 3“, „Транспортер“ и „Тарифа“. Завршија и процесите за случајот „Монструм“ и за учесниците во насилството на 27 април, но далеку од крајот е судењето за организаторите на упадот во парламентот, меѓу кои е обвинет и Трајко Вељаноски.
Целиот текст на Nezavisen.mk