25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи во Париз на разговори за европската перспектива, потпишани и три договори

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Франција оствари средба со својот домаќин, министерот за Европа и надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан. На средбата беа отворени бројни теми од заеднички интерес, билатералната соработка, сојузништвото во НАТО, реформската агенда на земјата, регионалните предизвици, а централна тема на разговорот беше европската перспектива на Северна Македонија.

„Франција е еден од главните мотори на Европската унија и силна европска земја и ние сме навистина благодарни што денес ја реафирмиравме поддршката за нашите европски интеграции. Овие пријателски пораки ни се потребни затоа што без разлика на предизвиците не сакаме да оставиме простор за разочараност. Ние остануваме посветени на реформите, на развој на добрососедските односи, но и на унапредување на довербата со нашиот сосед Бугарија. Ние се гледаме себе како дел од ЕУ и тоа ќе го оствариме пред сѐ за да обезбедиме успешна иднина на нашите граѓани, но и како наш влог за успех на Иднината на Европа”, истакна Османи.

На средбата беше разгледано европско досие на Република Северна Македонија, во контекст на потребата од спроведување на одлуката на Советот на ЕУ во март, минатата година. Оваа одлука беше донесена со консензус од страна на земјите – членки на ЕУ, кои дадоа согласност за почеток на преговорите со нашата држава, за што, Османи потенцираше:

„Секако дека претставува заедничка обврска да го зачуваме европскиот кредибилитет меѓу земјите од Западниот Балкан, затоа што не само нам, туку и на целиот континент му е потребен стабилен, просперитетен и европски регион. И тука најмногу сметаме на принципиелната поддршка на земјите – членки, сметаме на фер однос, сметаме на системот на заслуги, и сметам дека денес ги реафирмиравме овие принципиелни позиции и со Франција”.

Во насока на збогатување и продлабочување на билатералната и економска соработка, Османи и Ле Дријан потпишаа три Договори.

„Денешното потпишување на Договорот за основање на Француската Агенција за развој отвора нови перспективи во билатералните односи меѓу Северна Македонија и Франција. Оваа соработка е од исклучително значење за економскиот и социјалниот развој на Северна Македонија преку создавање можности за техничка и финансиска поддршка при имплементација на реформи во областа на животната средина, енергетиката, иновациите, дигиталната економија итн. На овој начин започнува да се имплементира и Стратегијата за Западен Балкан на претседателот Макрон, во нашата држава, што претставува дополнителен придонес во исполнување на заедничките цели. Дополнителен придонес за збогатување на односите меѓу нашите две земји е потпишувањето и на Договорот за филмска копродукција и Договорот за прием на донација на пренослив систем за балистичка идентификација.“, нагласи Османи.

Во текот на денот, во Париз, Османи ќе се сретне и со советниците на претседателот Макрон, Изабел Думон и Александар Адам, со сенаторката, Марта Де Сидрак и со заменик генералниот директор на Француската Агенција за развој, Филип Бодуен.