25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

Комора на сметководители: Да се поедностават процедурите од економските мерки за поддршка

Процедурите од економските мерки за поддршка во петтиот пакет не треба да бидат дополнително оптоварување за правните субјекти, истите треба да се поедностават, реагираат од Комората на сметководители.

„Наместо заздравување на економијата со ова се ризикува да се предизвика нарушување на и така кревката ликвидност на деловните субјекти и да се одрази на дополнителна загуба на работни места“, велат од Комората.

Од таму бараат, при подготовка на законското решение за мерката Финансиска поддршка за исплата на плати, месец јануари 2021 година да се изземе од периодот за споредба.

„ Конкретно, во мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за вработените, како основа за пресметка се земаат месеците ноември и декември 2020 година и јануари 2021 година, кои се споредуваат со ноември и декември 2019 година и јануари 2020 година. Тоа значи дека за да може да ја спроведеме оваа мерка во пракса, целокупната документација заклучно со 31.01.2021 година треба да биде предадена од деловните субјекти и да биде обработена, сметководствено евидентирана, анализирана и споредена со пропишаниот период. Останува не јасно зошто за споредба се зема и јануари 2021 година, во услови кога поради пандемијата имаме сериозни потешкотии квалитетно и навремено да ги обработиме дури и податоците за 2020 година“, изјави Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители.

Комората на сметководители бара, овие ограничувачки услови веднаш да бидат отстранети, односно да се изземе јануари 2021 година од споредбениот период.

„Сметководството е единствената врска меѓу државата и стопанството, и занемарувањето на оваа професија, наместо вистинско залагање за нејзино издигнување, во иднина ќе доведе до сериозни потешкотии во извршување на сите економски процеси во државата“, информираат сметководителите.

Комората на сметководители предупредува и за последиците од игнорирањето од страна на институциите, а особено на Министерството за финансии, на барањето за продолжување на роковите за поднесување на финансиски извештаи и завршни сметки.