24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СПОРТ

Гутереш: Пандемијата не треба да се користи за задушување на критиките и замолчување на медиумите

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, денес изрази жалење што некои земји ја користат пандемијата за да ги задушат гласовите на несогласувањето и да ги замолчат медиумите.

„Користејќи ја пандемијата како изговор, властите на некои земји презедоа строги безбедносни мерки, усвоија итни мерки за задушување на неистомислените гласови, за укинување на најосновните слободи, замолчување на независните медиуми и блокирање на работата на невладините организации“, рече шефот на ООН.

Гутереш ги изнесе своите критиките во снимен говор на отворањето на Советот за човекови права на ООН, но не ги именуваше земјите.

Денеска започна седницата на ова тело на ООН, на која е предвидено виртуелно обраќање на неколку претседатели и премиери во сегмент на високо ниво.

Советот заседава во време на зголемена загриженост за прашања како што е воениот удар во Мјанмар, апсењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и ситуациите со човековите права во земји како Етиопија и Шри Ланка.

„Ограничувањата поврзани со пандемијата служат како изговор за поткопување на изборниот процес, ослабување на гласовите на опозицијата и задушување на критиките“, рече Гутереш.

Гутереш додаде дека бранителите на човекови права, новинари, адвокати, активисти, па дури и здравствени работници биле цел на апсење, прогонување или заплашување или надзор поради критикување на пандемиските мерки против Ковид-19 или дури и невоведување на мерки.

Гутереш посвети голем дел од своето годишно обраќање до Советот за човекови права на ООН на пандемијата Ковида-19, нагласувајќи дека тоа ја зголемува чувствителноста и ги нарушува животите на стотици милиони семејства кои останале без работа или изгубиле приход.