Коментирајќи ја изјавата на претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој рече дека не се согласува со предлогот во личната карта да се впишува и етничката припадност, премиерот Зоран Заев денеска истакна дека e логично во одредени моменти и за одредени прашања да немаат исти ставови со шефот на државата.
„Убавината на луѓето што веруваме во исти вредности е во тоа што понекогаш за некои аспекти не сме исти. Сепак, претседателот е прв во државата. Ова е за мене вредно за внимание. Нормално, на првиот состанок ќе разговараме за аргументациите“, истакна премиерот.
Заев објасни дека целиот процес произлезе од уставните промени, а го предложи, како што рече, сериозна политичка партија – Беса.
„Тогаш јавно објавивме дека ова е прифатливо, секако е во духот на преспанксиот договор. Личната карта е документ за идентификација и точно е тоа. Во мултиетничко општество, кога помалите заедници се гласни, ние не смееме да останеме неми“, додаде премиерот.
Според него, во случајот, најголемата етничка заедница – Македонците – не губи ништо.
„Ќе има опишано Македонци, ќе бидат опишани Албанци, секако ќе водиме грижа за сите етнички заедници во државата. Но, секако, државјанството е една карактеристика што е задолжителна во сите документи, а никаде не е забранета ниту, пак, ограничена да биде етничка припадност“, додаде Заев.
Порача дека нашата земја е многу поинаква од другите по мултикултурниот живот и тоа богатство треба да се негува и надградува.