23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Повеќе од осум милиони евра за тендерите за зимско одржување на патиштата

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на трошоците за зимско одржување на патиштата за сезоната 2020/2021. За ангажирање механизација, работници, сол и чакал за чистење и за прскање на улиците во зимски услови оваа сезона ќе се потрошат 538 милиони денари, односно 8,7 милиони евра.

Тендери за оваа намена имале 41 општина и Град Скопје, 6 локални јавни претпријатија и Државното јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонијапат“. Само ова претпријатие има склучено договори за јавни набавки за зимско одржување оваа сезона во вредност од 5,7 милиони евра, што е две третини од сите пари што ќе се потрошат за оваа намена.

Град Скопје сам зимскава сезона планира да потроши 700 илјади евра за чистење на снегот и прскање на улиците, а со уште осум други скопски градски општини ќе бидат потрошени околу 1,4 милион евра за зимско одржување на улиците. Од другите општини од земјава, најголема вредност за ова ќе потрошат Битола, Прилеп и Куманово.

Најголем поединечен тендер има склучено „Македонијапат“ со „Димакс рудници Сопотница“, од речиси седум милиони евра за двегодишно снабдување со сол за патиштата. Набавени се 59.555 тони индустриска сол за цена од 116 евра за тон за двегодишно прскање на патиштата.

Покрај оваа фирма, која вкупно има 4 тендери во вредност од 7,5 милиони евра, меѓу фирмите со највредни договори се и „Ган-логистик“ од Тетово со 1,2 милион евра и скопски „Аполо инженеринг“ со 1 милион евра.

Ова истражување се реализира во рамките на активноста јавно трошење за јавно добро, поддржана од проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.