24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Средба нa Пендаровски со словачкиот министер за надворешни и европски работи

Претседателот Стево Пендаровски оствари средба со министерот за надворешни и европски работи на Република Словачка, Иван Корчок.

На средбата, како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, биле потврдени пријателските односи меѓу двете земји и било нагласено дека во иднина штом ситуацијата со пандемијата на Ковид-19 ќе го овозможи тоа, треба да се интензивира политичкиот дијалог на високо ниво меѓу двете земји.

Претседателот Пендаровски изразил благодарност за силната поддршка на Словачка за нашите евроинтеграции .

„Исклучително ја цениме силната, континуирана и недвосмислена поддршка од Словачка која е наш значаен партнер и поддржувач во евроинтеграциите, силен партнер во НАТО, a се надевам дека нашето партнерство ќе продолжиме да го негуваме и во рамки на Европската Унија“, порача претседателот Пендаровски.

Тој изразил интерес и за интензивирање на соработката, особено во областа на економијата како и очекување дека ќе се зголемат инвестициите на словачките компании во нашата држава, особено после нашето членство во НАТО и напредокот направен кон ЕУ.

На средбата станало збор и за состојбите во двете држави во однос на пандемијата на Ковид-19, при што се разговарало за конкретните предизвици кои се во интерес на двете држави, а се предизвикани од тешките околности на целиот континент. Претседателот Пендаровски се заблагодарил за словачката поддршка и донации во областа на здравството.