24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев: По повеќе од десет години учениците од ОУ „Вера Јоциќ“ во населба Хиподром имаат современа спортска сала

Претседателот на Владата, Зоран Заев, и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, ја пуштија во употреба новата спортска сала во рамки на ОУ „Вера Јоциќ“, во населба Хиподром, општина Гази Баба.

Во претходниот мандат на Владата старите бараки на основното училиште „Вера Јоциќ“ беа заменети со нова, модерна училишна зграда за 600 ученици.

„Една година подоцна, во услови на пандемијата со Ковид-19 ја завршивме и изградбата на спортската сала на училиштето. Повеќе од 10 години учениците немаа функционална спортска сала, а наставата ја одржуваа во училишниот хол. Новата сала е на површина од 650 м2, комплетно опремена со спортска опрема и реквизити, санитарни јазли, соблекувални со туш-кабини. Објектот е енергетски ефикасен, со овозможен пристап за лица со попреченост. Со спортската сала се комплетира функционалноста на основното училиште „Вера Јоциќ“, кое беше завршено оваа година. Неговите ходници се исполнија со џагорот на децата, на радост на нивните родители и на другите граѓани на општината“, информираше премиерот Заев.

Како што истакна градоначалникот Георгиевски, новата сала има целосна спортска опрема, реквизити, соблекувални со санитарни јазли и туш-кабини. Ова е енергетски ефикасен објект поврзан и на топловодната мрежа.

„Гази Баба во едно минато време беше целосно заборавена од институциите, но сега имаме сигурен партнер во Владата, со која работиме заедно во интерес на граѓаните. Како градоначалник на општина Гази Баба сум благодарен на големата поддршка што општината ја има од страна на Владата во реализација на зацртаните проекти“, заклучи градоначалникот Георгиевски.

Заев нагласи дека една од стратегиските определби на Владата е поддршката на единиците на локалната самоуправа за нивна целосна финансиска независност.

„Повеќе од десет години учениците немаа функционална спортска сала, а наставата ја одржуваа во училишниот хол. Новата сала е на површина од 650 м2 комплетно опремена со спортска опрема и реквизити, санитарни јазли, соблекувални со туш кабини. Објектот е енергетски ефикасен со овозможен пристап за лица со попреченост“, рече Заев.

Тој додаде дека заедно со Електрани на Северна Македонија, односно со нивната подружница „Енергетика“ околу 1.000 домаќинства и деловни објекти ќе се приклучат на мрежата за топловодно греење во Хиподром и во повеќе други населени места.

Станува збор за инвестиција вредна околу 600 илјади евра која ќе се реализира во следните две до три години.

Со ова проширување на топловодната мрежа во Гази Баба се очекува голем бенефит за граѓаните како што се намалување на потрошувачката на струја за домаќинствата приклучени на системот, стабилно и современо загревање на домовите, како и намалување на причинителите на аерозагадувањето.