27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фотографија на Centar.mk. Секое копирање подлежни на кривична одговорност согласно Законот за авторски права.
ТЕМАБИЗНИСТОП ВЕСТИ

Државната помош од 6.000 денари исплатена на над 90 отсто од корисниците

Еднократната финансиска помош од 6.000 денари, како дел од четвртиот пакет антикризни мерки, е исплатена на над 90 отсто од корисниците. За останатите да може да се исплати финансиската поддршка потребно е да се направат законски измени со нови подолги рокови.

-Со цел успешно реализирање на еднократна финансиска помош од 6.000 денари како дел од четвртиот пакет антикризни мерки, банките максимално ги ставија на располагање своите ресурси и во согласност со Законот за финансиска поддршка (Сл.Весник 290/20 од 07.12.2020) во краткиот законски рок, до крајот на работното време на 25.12.2020 година вршеа распределување на добиените средства на трансакциските сметки на граѓаните. Во овој краток период успешно беа исплатени над 90 отсто од корисниците на финансиската помош, информираат од Македонската банкарска асоцијација.

Оттаму наведуваат дека банките, како и досега, подготвени се со сите свои ресурси да излезат во пресрет на проектите од јавен интерес, а посебно на оние кои се наменети за социјално ранливи категории граѓани. Притоа, потенцираат дека секогаш активностите мора да бидат во рамки на законските прописи.

Појаснуваат дека во таа смисла, после истекот на законски дадените рокови, за да се реализира исплатата на сите граѓани на кои во претходниот законски рок не им е исплатена финансиската поддршка, потребно е да се направат измени на Законот за финансиска поддршка со цел постоечките рокови, да се заменат со нови подолги рокови.

-Како и досега, банките при исплатата максимално ќе се заложат за заштита на здравјето на сите корисници на банкарски услуги, особено на повозрасните граѓани, додаваат од Македонската банкарска асоцијација.

Од Владата вчера апелираа до банките да има поголема толеранција и исплатата да биде завршена до Нова година.

-Помошта од 6.000 денари ќе ја добијат сите. Тоа што доцнеше донесувањето на Законот во Собранието ги предизвика непријатностите. Владата стори се помошта да стигне до оние за кое е наменета, а целта е никој да не биде изоставен, рече вчера на прес-конференција портпаролот на Владата Душко Арсовски.

Соопшти дека за оние со блокирани сметки, банките кои имаа техничка можност им отворија подсметки за да се исплати помошта.

Тој додаде дека Владата очекува толеранција од банките во наредните денови, додека целосно не заврши исплатата на предвидената помош, зашто, како што наведе, се работи за граѓани од најранливи категории кои беа најпогодени од кризата.

Информираше дека се обработени сите приговори, која бројка изнесуваше околу 78.000, но конкретните бројки ќе бидат соопштени најдоцна до денеска.

Оваа мерка е дел од четвртиот пакет и опфаќа над 280 000 граѓани, кон кои се исплаќаат 27,5 милиони евра

Финансиската поддршка од 6000 денари е наменета за граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица на возраст од 16 до 29 години, самохран родител, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.