-Минатата година, 2019-та, бизнисот со канабис на светско ниво заврши со обрт од околу 20 милијарди долари. Според некои податоци во моментов има повеќе од 200 000 луѓе кои се вработени во канабис индустријата, а проекциите, со ваков тренд на порастот на употреба, се дека до 2025 година овој сектор ќе има милион вработени. Во еден напис објавен од организацијата ХОБС е наведено дека во САД рекреативната употреба е дозволена во 12 сојузни држави, производството на канабис за медицински цели е дозволено во 39 држави, а во 48 држави е дозволена продажбата на ЦБД- -производи, што значи дека само две сојузни држави во САД имаат забранета продажба и производство на производи од канабис. Ова ги става САД на прва позиција во светот, особено поради фактот што само нивниот пазар изнесува околу 13 милијарди долари. Во врска со одделните пазари на секоја сојузна држава посебно, важно е да се спомене фактот дека сè уште најдобри економски параметри можат да се забележат во државата Колорадо, државата пионер во процесот на легализација на рекреативната употреба каде што вкупниот промет за 2019 година достигна фантастични 1,75 милијарди долари. Оваа држава се соочува и со големи даночни приливи, па често имаат многу повеќе пари во буџетот од предвидените буџетски трошоци. – објавува Нова ТВ.
Втора на таа листа е Канада која целосно ја легализираше рекреативната и медицинската употреба на канабисот на целата своја територија во 2018 година. Официјални податоци за таа година велат дека Канаѓаните потрошиле околу 1,6 милијарди долари на легален канабис со проекции дека нивниот пазар во 2020 година би вредел околу 3,2 милијарди долари, а максималната вредност на овој пазар се проценува на осум милијарди долари и таа би се достигнала на крајот на оваа деценија.
Во Европа главни држави во бизнисот за рекретивна употреба на канабисот се Холандија, Португалија, Чешка, и тие учевствуваат во заработката на светско ниво со неколку милијарди евра. Иако споменавме дека процентот на корисници на марихуаната е намален, сепак во овие држави голем е профитот од туристите, односно угостителско- туристичкиот сектор е во постојан пораст. Ова е уште еден аргумент во полза на легализацијата во Северна Македонија, држава која ја посетуваат многу туристи, особено во летниот период. Но, целта на легализацијата е туризмот да опстојува цела година, но и да се зголеми бројот на посетители. Со тоа придобивки би имал и угостителскиот сектор.