Добитник на 200 милиони евра на француската лотарија „Евромилионс“ планира милионите евра да ги даде во добротворни цели.
Неименуван пензионер, кој освоил џекпот од 200 милиони евра, изјавил дека би сакал да основа хуманитарен фонд преку кој ќе даде десетина милиони евра во добротворни цели, како и дека дел од своето богатство планира да им го донира на болниците, пренесе францускиот портал „Конексион Франс“.
„Гледањето на среќните луѓе околу мене е најголемата награда. Кога паѓаат парите од небото, мора да се стори нешто со нив за да им се помогне на оние што немаат толку среќа. Инаку, нема смисла“, изјавил добитникот на лотаријата, кој живее на југот на Франција.
Тој исто така рекол дека ќе ѝ купи на својата ќерка нов автомобил и ќе им помогне на роднините во неволја. Но, тој рече дека неговите планови за Божик не се променети – „ќе го сториме точно она што беше планирано, до менито“ – и сите планови за патување ќе чекаат кога ќе згасне глобалната пандемија.