23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ЕПИ: Со медијација до помалку судски спорови и помали трошоци за граѓаните

Медијацијата значително ја намалува потребата од судски спорови, а истовремено претставува и помал трошок за граѓаните, е клучната порака од денешниот настан „Придобивките од медијацијата како алтернативен начин на решавање спорови“, организиран од Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје.

На настанот се дискутира развојот на медијацијата во Северна Македонија, вклучително преку позитивните искуства, како зголемениот број спогодби, особено во работните спорови. Сепак, македонските граѓани и деловните субјекти не ја користат доволно медијацијата. Искуствата од ЕУ, преку примерот на Холандија како земја што има најголем степен на користење медијација на европско ниво, укажуват дека преку овој механизам судовите значително се растоваруваат од случаи, а и дека граѓаните и судовите го претпочитаат како метод на решавање спорови.

На конференцијата говореа министерот за правда – Бојан Маричиќ, заменик-амбасадорот на Кралството Холандија – Роберт Декер, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители – Наташа Габер-Дамјановска, претседателот на Комората на медијаторите – Славе Младеновски, претседателот на Холандската федерација на медијаторите – Јан ван ден Звиетен, државната советничка во Министерството за правда – Радица Лазаревска-Геровска, како и претседателот на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на медијацијата во Република Северна Македонија – Марко Андонов.

Конференцијата се одржa како дел од проектот „Медијација, без дилема!“, поддржан до Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, кој ЕПИ го спроведува во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Комората на медијаторите на Република Северна Македонија и Холандската федерација на медијаторите. Проектот има цел да придонесе кон промоција и зголемена употреба на медијацијата преку заеднички акции, дијалог и застапување врз основа на докази. Преку соработката со Холандската федерација на медијаторите, проектот ќе ги зајакне капацитетите на медијаторите, судиите, обвинителите и ќе ги пренесе тамошните искуства.