Управниот одбор на „Пошта на Северна Македонија“ на седница го усвои посебниот промотивен пакет на услуги за испраќање празнични честитки и подароци, кој започнува да важи од 19 декември годинава, заклучно со 15 јануари 2021 година.
„На овој начин, сакаме да ги повикаме сите да ни се приклучат, со цел заедно да ја обновиме традицијата на испраќање честитка или подарок по пошта! Но исто така, на крајот на годината, која ни го промени секојдневното функционирање, да предизвикаме радост и насмевки кај нашите блиски и сакани во земјата и низ целиот свет, повеќе од неопходни во време на пандемијата предизвикана од коронавирусот“, посочуваат од Пошта.
Оваа активност преку видеопорака ја поддржа и директорот на Пошта, Јани Макрадули, кој порача дека дека честитиките и подароците безбедно ќе стигнат до примателот.
Пакетот услуги за претстојните празници содржи две точки:
1. Се намалуваат цените за достава на пратки со тежина до 5 килограми – Новата цена на услугата изнесува 80 денари за периодот 19 декември до 15 јануари. Секое заинтересирано лице кое сака да испрати пратка од која било адреса на територија на град Скопје, тоа може да го направи со јавување на телефонскиот број 15 000. Службени лица на Пошта ја преземаат пратката/подарокот од адресата на испраќачот и ја доставуваат на наведената адреса на примачот. Во другите населени места, граѓаните можат да ги достават пратките до единиците на поштенската мрежа, а оттаму службените лица на Пошта ќе ги испорачаат до адресата на примачот.
2. Печатење на единечни празнични честитки изработени исклучиво од екохартија, кои ќе бидат со ретро дизајн, како и нивна продажба на шалтерите на „Пошта“ од 19 декември. Цената за поштенско испраќање на една ваква честитка ќе изнесува 9 денари. Дополнително, до крајот на оваа работна недела, јавно ќе биде објавена и продажната цена на честитките.