Студиото „Ворнер Брос“ на телекомуникацискиот гигант „Еј-ти енд Ти“ премиерно ќе ги прикаже сите свои филмови од 2021 година во киносалите и на стриминг-платформата „ХБО макс“ истиот ден, соопшти компанијата во четвртокот, промена без преседан што ги покоси акциите на кинооператорите.
Филмовите, меѓу кои и „Годзила против Конг“ и „Одред самоубијци“ ќе бидат достапни на „ХБО макс“ за еден месец, истиот ден кога ќе се појават во киносалите, се вели во соопштението на студиото.
Акциите на „АМЦ Ентертејмент“, најголемиот кинооператор во светот, паднаа речиси 16 проценти, а на ривалот „Синемарк“ паднаа за околу 22 проценти.
Промената, предводена од извршниот директор на WarnerMedia, Џејсон Килар, е досега најагресивен потег на предвремено донесување на филмови во домовите, што предизвика шок во Холивуд.