Македонско-бугарската мешовита комисија за историски и образовни прашања и денеска ќе расправа за средновековниот и раноосманлискиот период, по состанокот одржан во текот на вчерашниот ден.
Тема на онлајн состанокот е и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.
Премиерот Зоран Заев вчера оцени дека работата на Комисијата се одвива во пријателска атмосфера и изрази уверување дека набрзо ќе има и решенија. Тој повтори дека на средбите не се преговара за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик.
Заев смета дека разговорите треба да продолжат без разлика на исходот од средбите на ниво на ЕУ на 10 или 18 декември, на кои треба да се донесе одлуката за усвојување на преговарачката рамка на Унијата со земјава.
Рече дека Владата е подготвена да ги објави записниците за петте историски личности за коишто бил постигнат договор.
„Нашата Влада од досега усвоените записници е подготвена на некоја од следните седници да ги објави записниците за петте историски личности, односно трите историски периоди за да испратиме порака дека веднаш по тоа започнуваме со имплеменатција на учебниците за 2021-22 година и од бугарска и од македонска страна, за сето она што е поврзано со цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски“, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на фотонапонска централа во Неготино.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, истакна дека ќе биде вратена довербата во Договорот за добрососедство со Бугарија доколку денеска на онлајн средбата македонската и бугарската историска комисија ги доближат ставовите за Гоце Делчев.
Седумнаесет научни работници од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ преку писмен допис апелираа политичарите да не подлегнат на притисоците и наметнувањата на, како што велат, бугарската негаторска политика. Претходно реагираа и од Институтот за историја, МАНУ и УКИМ.