„Дајте да видиме што е проблемот да профункционира опозицијата во парламентот. Да седнеме и нека дадат подобар предлог, и за буџетот, и за економските мерки и за се друго. Да видиме поугледни држави како го уредиле ова со седниците на парламентот, па да најдеме систем. Како било, но важно е да се функцонира. Опозицијата само навестува забелешки, а не дава конкретни предлози“ – изјави Дарко Каевски, пратеник на СДСМ, во „Топ тема“ на Телма.
Тој укажа дека крајната цел на ВМРО ДПМНЕ е да ја освои власта преку тоа што ќе создаде незадоволни граѓани, а тоа незадоволство ќе се создаде ако не носиме закони и ако не дистрибуираме пари во кризата.
„Опозицијата да даде предлог, тоа е нужно. Ако единствен аргумент им е дека со пушка некој ќе му стои над глава на пратеникот дома и ќе му каже како да гласа, тогаш тоа трагично, жално е што имаме вакви аномалии. Сите амандмани што ги видовме од опозицијата се само доказ дека се игра со чувставата на граѓаните, со оние на кои парите им се неопходни. Затоа велам најповредени се граѓаните зошто нема да се донесат законите. Со вакво однесување само одиме кон криза, и ним им одговара тоа, да има анархија, да има хаос, да има незадоволи граѓани, да се зборува дека не можеме да им исплатиме помош, да им доделиме ваучери, тоа е крајната цел, тоа го прават преку протестие на кои имаат по едвај стотина присутни. Покрај тешкиот период дополнително го отежнуваат животот, а и може да создадат кластер за вирусот и тоа после да биде на штета за сите нас.“- заклучи Каевски.