23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Арсовски: Бучковски има добри контакти со Бугарија и добро е примен од нивната јавност

Владо Бучковски е одличен познавач на македонско-бугарските односи, почитуван од бугарските општествени и политички чинители. Има добри контакти со Бугарија и добро е примен од нивната јавност, изјави портпаролот на Владата, Душко Арсовски, на прашањето според кои критериуми Бучковски е именуван за специјален претставник на нашата земја за Бугарија.

„Има позитивни перцепции за неговите политики како поранешен премиер и е прифатен како некој што и порано придонесувал позитивно кон подобрувањето на односите со соседска Бугарија и треба да придонесе кон создавање позитивна атмосфера за да се надмине проблемот со Бугарија“, рече Арсовски.

Во однос на прашањето за тоа што точно се разговара со Бугарија и што содржи Патоказот за спроведување на Договорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, Арсовски рече дека Владата смета дека споменуваниот план треба да се однесува на динамиката на спроведување на билатералниот договор, надвор од преговарачката рамка.

„Се разговара за сите загрижености и дилеми, кои Бугарија ги изнесува во јавност, за начинот и динамиката на спроведувањето на Договорот од 2017 година, како да се забрза изградбата на Коридорот 8, како да запре говорот на омраза, за начинот на кој ќе се забрза работата на Историската мешовита комисија, во насока на воспоставување доверба во процесот. Договорот е сериозен документ и нема потреба од нов договор и анекс. Потребно е само да се дообјасни и детализира во некој придружен документ и во таа насока е патоказот. Тоа е една идеја, која е во насока на зајакнување на довербата за ефикасноста и функционалноста на Договорот меѓу Северна Македонија и Бугарија“, изјави портпаролот на Владата.