22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

И Тито го потврдил учеството на Бугарија во ослободувањето на Македонија

Во текст објавен на 360 степени се пренесуваат дел од писмата на Јосип Броз Тито кои тој во 1944 година ги испраќал до неговите генерали и до Главниот Штаб на НОБ со кои се потврдува дека бугарската војска се реорганизирала во Народна армија и застанала во отпорот против фашизмот.

„Повторно од вас не добиваме воени извештаи. Ова е политички многу незгодно. Исто така, јавувате за заеднички акции на нашите и на бугарските трупи.“ Овие три реченици ги напишал Јосип Броз Тито во дописот што тој го испратил до Главниот Штаб на НОБ, на 30 октомври, 1944 година, период во кој партизаните во Македонија веќе имале организирани борбени акции против германскиот окупатор заедно со бугарските војници.

Две седмици порано, на 14 октомври, 1944 година, тој испратил допис и до еден од неговите офицери Арсо Јовановиќ о дкого исто така бара да го известува за бугарските трупи кои застанале на страната на ослободителната војна на Југославија.
„Треба да јавувате за „Слободна Југославија“ и за учевството на бугарските трупи. Бугарите го зазедоа Лесковац со помош на нашите единици. Сега нашите и бугарските единици водат жестоки борби во секторот Ниш. Освен тоа, бугарските трупи водат и силни борби во реонот на Плоча. Политички е некоректно што до сега молчевте за учевството на бугарските трупи во борбите“- е наведено во дописот на Јосип Броз.

Иако тој го смета за политички некоректно тоа што неговите од терен не му дојавувале информации навремено за сојузот со Бугарија и напредокот во војувањето, сепак , на крајот проценил дека е добро да се искористат бугарските воени сили во конечното ослободување на Македонија и на Србија. Затоа, на 4 ноември, 1944 година, Тито испраќа уште едно писмо до Главниот Штаб на НОБ.

„Германците нагло се повлекуваат од југ спрема Косово и Метохија, од каде се обидуваат да се пробијат преку Санџак кон Сараево. На секторот Куманово – Приштина сериозно се загрозени од нашите и бугарските единици. Кај вас се преостанати мал број на германски сили кои нема да се повлечат додека вие не ги разбиете“ – стои во едно од писмата.

Сето ова упатува дека лично Тито склопил пакт со бугарската народна армија. Сите овие документи, архивирани во книгите на Тито, кои тој ги пушувал до неговите офицери се потврда на тезата на премиерот Зоран Заев дека во одреден момент бугарската армија застанува на страната на НОБ и активно учевствува во неутрализирање на германската војска од просторот на Северна Македонија и тука се создава таа заедничка историја од периодот на Втората Светска војна.

360 степени пренесува дека во книгата „Битка за Србија“ од Петар Вишниќ, посветена на конечното ослободување на Србија од фашистите, пренесен е дел од говор на Јосип Броз одржан во Високата воена школа на Југославија. Во таа прилика Тито говорел:
„Кога од Москва стигнав во Крајова, Романија, дојде една бугарска делегација на чело со Добри Терпешев (потпретседател на владата) и еден армиски генерал, да зборуваат со мене за можноста бугарската војска да учевствува во завршните операции против Германците. Кажаа дека ЦК на Бугарската партија моли да и допуштиме на бугарската, сега Народна армија, заедно со нашата народоослободителна армија, да води борба против Германците. Нагласија дека тоа е неопходно за да се испере срамот кој го нанела фашистичката влада на Бугарија со тоа што војувала на страната на фашистичка Германија и ја окупирала Македонија и дел од Србија. Признавам дека многу се мислев, затоа што знаев дека тоа нема лесно да помине кај нашиот народ. Побарав од Штабот во Македонија итно да ми јави како народот гледа на бугарската војска после капитулацијата и дали соработката со бугарските трупи против Германците би предизвикала незадоволство. Тогаш во пораката до нив наведов дека и понатаму мислам дека соработката со поранешна окупаторска војска ќе има поголема штета за нас отколку корист. Меѓутоа, имајќи го предвид развојот на добрососетските односи помеѓу нашите две држави, особено со олеснувањето на меѓународната положба на нова Бугарија, а и сметајќи дека учевството на бугарската војска во заедничките операции може да биде корисно, после советувањето со другарите од Врховниот штаб, јас дадов позитивен одговор.“

На еден состанок Тито заедно со бугарска делегација потпишал декларација за заеднички операции на дел од југословенската територија. Во својата книга Вишниќ го пренесува оригиналното соопштение кое е издадено од претседателот на Националниот комитет на Југославија Јосип Броз, во кое се наведува:

„Постигната е согласност за воена соработка во борбата против заедничкиот непријател. Сите прашања кои потекнуваат од сојузничките односи и пријателската соработка со Бугарија ќе се решаваат во духот на братските и заедничките интереси на народот на Југославија и народот на Бугарија. Делгатите од Бугарија изразија подготвеност да сторат се за да ја исправат неправдата која им ја нанеле на народите во Југославија преку фашистичките елементи во бугарската влада и дека ќе се заложат за нормализација на односите.“

Понатаму, во истата книга се пренесува и оригиналната содржина на писмото кое бугарските власти го испратиле до Јосип Броз Тито во знак на благодарност што и овозможил на Бугарија да застане на правата страна на историјата. Во овој допис се наведува:

„На вашиот светол пример нашиот народ учи за вооружената партизанска борба против хитлеровите и бугарските агенти. Нашиот народ се чувствува виновен кон југословенските народи, особено кон српскиот и македонскиот, што дозволи Германците да го направат поробувач, а од бугарската војска да направат Хитлерова полиција на Балканот. Бугарскиот народ е спремен што подобро да го избрише срамниот спомен за ова и да отвори пат за вечен, нераскинлив сојуз помеѓу јужнословенските народи. Ни вам ви должиме вечна благодарност за поддршката и братската помош со која се создадоа првите партизански одреди.“

Тврдењето на Заев дека бугарската армија зела учевство во ослободувањето на Крива Паланка, Куманово и на Скопје е историски факт. Ако се направи анализа на книгите на поголем број независни автори, како британци, американци и други, тогаш се воочува дека Бугарија била дел од неколку воени операции за ослободување на Македонија и на Србија. Страцинско – кумановската битка која се одвивала од 8 октомври до 14 ноември 1944 година била паралелна со операцијата Ниш, операцијата Косово, операцијата Брегалница – Струмица, а во сите нив имало бугарски, албански, грчки и југословенски партизани. Во битката Страцин – Куманово учевствувале и бугарските воздухопловни сили. Борбите продолжиле долж реката Пчиња и во градот Куманово каде повторно биле поразени германски војници.

Според британскиот комесар во Сојузничката комисија во Софија, генерал Валтер Оксли, кој лично бил присутен на фронтот кај Страцин, бугарската армија имала задача да напредува во западен правец и да ја пресече железничката линија Скопје – Приштина, како дел од операцијата за ослободување на Македонија. Утрото на 14 ноември 1944 година биле расчистени последните гнезда на германскиот отпор во Скопје, а информацијата дека градот е заземено од бугарската војска заедно со партизаните е објавена на Радио Москва, Радио Лондон, Гласот на Америка и Радио Софија.

И ете зошто премиерот Заев зборува за учевство на бугарската армија во ослободувањето на Крива Паланка, Куманово и Скопје. Ова се факти, кои иако пречат некому, сепак не може да се избришат од историјата, колку и да се обидува некој да ги сокрие.