23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Филиповска-Грашкоска: Намален бројот на прекршувања на здравствените протоколи

Од стапувањето во сила на измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои се зголемија надлежностите на инспекциските служби, од страна на инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за транспорт и Агенцијата за лекови и медицински средства, извршени се 10.274 контроли и 5.149 надзори.

Во споредба со претходниот месец се забележува намалување на прекршувањата на здравствените протоколи кои произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразни болести. За споредба, во октомври, кога инспекторите немаа надлежности да забрануваат вршење дејност поради непочитување на здравствените протоколите, од вкупно извршени 6.963 надзори и 6.123 контроли беа изречени 37 кривични пријави против угостителски објекти, а во ноември, по донесувањето на измените на Законот за заштита од заразни болести, затворени се 5 угостителски објекти кај кои било констатирано дека не ги почитуваат здравствените протоколи.

Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, информира дека во согласност со Законот за заштита на населението од заразни болести во ноември инспекторите имаат изречено 8 прекршочни пријави, 2 кривични пријави, 16 платни налози, 30 решенија, од кои 5 се однесуваат за забрана за работа на 5 угостителски објекти, и донесени се 39.858 решенија за изолација.

„И покрај зголемениот број на контроли во ноември, сепак се детектирани помал број прекршувања на протоколите, со што се потврдува дека зголемените надлежности на инспекциските служби го даваат својот резултат при почитувањето на ковид-протоколите“, оцени Грашкоска.

Во посочениот период инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат извршија 96 надзори, од кои 72 се по однос на здравствените протоколи. Во изминатите седум дена ДЗСИ издаде 14.664 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид-19 и лица што биле во контакт со заболени и 11 решенија за констатирани неправилности врз основа на спроведените надзори. Во периодот од 16 до 22 ноември Инспекторатот за транспорт изврши 57 надзори, при што изречени се 10 прекршочни пријави, 3 решенија и 4 платни налози за прекршувања на материјалните закони. Од извршените надзори, 16 се по основ на Законот за заштита на населението од заразни болести и притоа не се констатирани прекршувања на законот.

Во истиот период Државниот пазарен инспекторат изврши 3.463 контроли и 553 надзори поврзани со материјалните закони и здравствените протоколи за работа на угостителски објекти. Притоа поднесени се 27 прекршочни пријави, од кои 2 прекршочни пријави се поднесени против угостителски објекти, по еден во Тетово и Гостивар. Овие угостителски објекти не ги почитувале протоколите, односно тие работеле по 21 часот, поради што им е изречена и забрана за работа во рок од 30 дена и соодветна глоба. Дополнително, ДПИ издаде и 52 решенија и 25 платни налози.

Државниот инспекторат за труд во истиот период спроведе 519 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на протоколите во насока на заштита на здравјето на вработените. При овие надзори од страна на трудовите инспектори изречени се 27 решенија и еден платен налог, кои се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи.

Агенцијата за лекови и медицински помагала во изминатите седум дена изврши 26 надзори во аптеки по основ почитување на мерките на Владата и издавањето антибиотици, при што не се констатирани прекршувања на законските одредби и отстапувања од протоколите.

Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од 16 до 22 ноември спроведе 386 надзори. Притоа издадени се 7 решенија и извршени се 22 едукации поради констатирани неправилности, кои се однесуваат на неизвршени здравствени прегледи, неспроведување општи хигиенски мерки, неправилно складирање и чување производи и неправилно означување на производите.