25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Од паркингот на Водно во касата на Град Скопје за три години влегле 90.000 евра

За три години откако Град Скопје почна со организираното паркирање на Водно, собрани се 90.000 евра од наплатата на паркирањето, изјави градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.

Тој најави дека тие средства ќе бидат вложени за подобрување на инфраструктурата на планината.

Шилегов денеска на Водно го промовира проектот за поставување патоказни и инфо-табли на планинарските патеки на Водно и на Скопска Црна Гора.

„Денеска, и официјално го почнуваме трипартитниот проект меѓу Град Скопје, помогнат од Амбасадата на Чешката Република, и Планинарскиот сојуз на Република Северна Македонија за мапирање на планините во Скопје. Овде, на Водно, ќе поставиме 42 патоказа и 6 инфо-табли, а новина е што ќе поставиме и 12 патокази и 2 инфо-табли и на Скопска Црна Гора и ќе го префрлиме фокусот и на другата планина, која ја ограничува Скопската Котлина. Целта е на граѓаните на Скопје и на посетителите на Водно да им помогнеме со поставување нова и квалитетна сигнализација, а движењето да го направиме полесно, поедноставно и попрегледно“, рече Шилегов.