23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ – Јурова: Дигитализацијата на правосудството потребна како никогаш досега

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, утрово оствари онлајн-средба со еврокомесарката за вредности и транспарентност, Вера Јурова, на која дискутира за клучните реформи во областа правда.
За време на разговорот Маричиќ ги претстави преземените и планирани реформи во својот ресор и искажа надеж дека преговарачката рамка ќе биде усвоена во наредните неколку денови и дека во декември ќе ја имаме првата меѓувладина конференција и почеток на преговорите со Европскта Унија.

Маричиќ воедно истакна дека е во интензивна комуникација со сите релевантни фактори од правосудството во дефинирањето на приоритетите и обезбедување на нивното учество во клучните реформи во областа правда, дека засега тој процес се одвива добро, а и дека има позитивни повратни реакции. Министерот особено потенцира дека вклученоста на ЕУ во процесите во правда е од суштинско значење и ќе овозможат дополнителна вредност и кредибилност на реформите во правосудството.

Поради пандемијата, Маричиќ истакна и дека дигитализацијата на судството и обвинителството за ефикасно и ефективно постапување по предметите е потребна како никогаш досега, а дека поддршката од ЕУ за осовременување на правосудството ќе биде вистински катализатор на дигитализацијата сè со цел поефикасни судски процеси.

Еврокомесарката Јурова рече Европската комисија е подготвена да помогне советодавно и финансиски за проекти што се во насока на подобрување на транспарентноста и ефикасноста на правосудниот систем.

Дополнително, таа изрази надеж дека кога ќе се создадат услови, имајќи ја предвид глобалната пандемија, ќе ја посети Северна Македонија и лично ќе се сретне со министерот Маричиќ, со цел да се забрза соработката во областа на правосудството.