Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби д-р Милена Стевановиќ, денеска на одговор на новинарско прашање во врска со времетраењето на лекувањето на ковид пациетите, посочи дека секој е различен, но во просек 16 дена се лекува средно-тешка клиничка слика, на заразен од Ковид-19, а многу повеќе време е потребно за тешките случаи, зошто кај тие пациенти и откако ќе станат негативни на вирусот, инфекцијата кај нив остава големи последици.
„Оттука имате и еден индиректен одговор колкава е фрекфенцијата на приеми и на исписи. Навистина, исклучително рационално се користи секој кревет, секое едно легло на располагање на Клиниката, вклучувајќи ја тука и модуларната болница. Тоа оди во периоди – одеднаш се полни болницата, па за тој период се испишуваат пациенти. Секако сите ние сакаме пациетите да бидат излекувани, незвисно колку време тоа ќе трае“, рече д-р Стевановиќ.
Во однос на екипираноста на болниците со медицински кадар, директорката на Инфективна посочи дека во ваква криза секогаш се добредојдени плус две раце.
„Никогаш нема да бидеме задоволни од бројот на персонал во ваква криза. Секогаш се добредојдени плус две раце. Уморни сме, ни требаат дополнителни луѓе, секогаш ќе бидат добредојдени. Недостатокот на медицински кадар како во цел свет така и кај нас и во криза и вонкриза бил проблем. Ние максимално се трудиме, секој еден од нас кој работи во болниците да го дадеме својот максимум независно на која позиција работиме. Од исклучително големо значење е хигиеничарот во нашата клиника, транспортерот и болничарот, медицинските сестри, како и одделенските сестри кои го организираат процесот до секој еден од најмлад до најстар лекар кој го има своја функција во работењето и навистина го дава својот максимум во својата работа, – изјави Стевановиќ.