23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Стојаноски: ВМРО-ДПМНЕ поднесе 188 амандмани на ребалансот

„Ребалансот на буџет кој се наоѓа во Собрание е целосно не развоен и нема да даде одговор на предизвиците кои ги носи КОВИД пандемијата, како на здравствен, така и на економски план.

Државата е задолжена за нова 1 милијарда за скоро десет месеци, долгот е на историско највисоко ниво, имаме 40.000 нови невработени, а Зоран Заев се расфрла со парите на граѓаните“, изјави Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Спред него, власта предвидува мерка за тим билдинг, која влегува како основ за даночно олеснување на фирмите, и тоа во сред пандемија.

„Има ли пилот во авионот наречен влада?! Наместо да инвестираме во проекти и мерки кои ќе обезбедат нови работни места владата ќе ги потроши парите за давање на едномесечен паушал во стилот на изборен поткуп кој го спроведоа пред изборите.Зоран Заев не ги применил ниту основните постулати на ММФ, според кои од економска криза може само да се извлече со капитални проекти и вложувања, но наместо капитални инвестиции се зголемуваат ставките за набавка на мебел и привремени вработувања. Но тоа не е за изненадување од влада која дава пари за дресирање на магариња, а илјадници деца немаат лап топ компјутери за следење на настава“, вели тој.

Целосно непланскиот буџет проектира минус од 8.5% од бруто домашниот производ и дупка која е 920 милиони евра. Тоа се пари кои се покриваат од задолжувања, а тоа значи дека долгот расте и ќе расте, без притоа да се создадат работи кои ќе имаат додадена вредност.

„Зоран Заев кога го скицирал буџетот, мислел на него, а не на граѓаните и фирмите. Мерките на Заев се нефункционални и неискористени. Искористеноста на првите три сета на мерки е одвај 55%, а истото се очекува и за четвртиот сет на мерки. Тоа е резултат кога се работи без план.
Зоран Заев целосно неплански и не развојно ги троши парите на граѓаните и во таа насока пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата поднесовме 188 амандмани со две основни цели. Првата да стимулираме капитални инвестиции, а втората да го спречиме загадувањето со ПМ10 честички, кои се трансмитери на вирусот согласно на изјавите на Венко Филипче.Го повикуваме парламентарното мнозинство да ги надмине политичките пресметки и притисокот на Зоран Заев и барем еднаш да покаже зрелост и да ги поддржи овие амандмани кои ВМРО-ДПМНЕ ги креира за доброто на граѓаните“, додаде Стојаноски.