18.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Демократскиот сојуз: Итни и сеопфатни мерки за намалување на аерозагадувањето

Демократскиот сојуз смета дека надлежните власти треба да преземат итни и храбри чекори во борбата против аерозагадувањето, кое со почетокот на грејната сезона станува централен проблем во Скопје, но и во целата држава, и годишно одзема 1.500 животи во Македонија. Иако централната, но и локалните власти, неоспорно се обидуваат да преземат мерки за намалување на аерозагадувањето, како што се субвенциите за инвертер-клими, набавката на еколошки автобуси и пронаоѓањето на потенцијалните извори на загадување, сепак се чини тоа како да нема речиси никаков ефект и секојдневно гледаме како граничните дозволени бројки на ПМ 2,5 и ПМ 10 се пречекоруваат неколкукратно.

Демократскиот сојуз предлага да ги користиме стратегиите на другите земји и градови, кои постигнаа огромен успех во намалувањето на ПМ 2,5 и ПМ 10-честичките. За таков успешен пример се смета градот Лондон во Обединетото Кралство, кој во голема мера го намали загадувањето, чиј извор се моторните возила.

„Како дел од мерките што предлагаме да се преземат во град Скопје се: воведување зони со ултраниски емисии. Да се разработи модел врз основа на кој, за да може некој да вози во централното градско подрачје, ќе треба да плати одредена дневна такса. Од таа такса да бидат ослободени само оние возила што го исполнуваат минимум Евро 6-стандардот, а во иднина овој критериум да се заостри и само оние возила што имаат нула емисии на штетни гасови да бидат ослободени од плаќање такса. Подобрување на флотата автобуси за јавен превоз. Сите автобуси да го исполнуваат минимум Евро 6-стандардот, како и да се набавуваат електрични или автобуси на гас. Подобрување на флотата на такси-возилата. Градската власт да субвенционира сите такси-возила да бидат придвижувани на гас или на електричен погон. Субвенции и други стимулации при купување електрични возила, како и инсталација и поддршка на инфраструктура за електрични возила“, соопшти партијата.

Демократскиот сојуз смета дека е неопходно Владата во соработка со локалните власти, научниците и стручните лица и институции итно да изработи стратегија за намалување на аерозагадувањето, која ќе вклучува храбри и големи чекори за, конечно, за период од 3 до 4 години вистински да почувствуваме свеж воздух. Ова, секако, вклучува и засилување на контролата и санкциите за користење недозволени извори на енергија во производствениот процес во фабриките и малите погони – како: отпад, прегорено масло, лакови, пластика, гуми и сл., преиспитување на А-интегрираните еколошки дозволи на големите индустриски капацитети и нивно затворање доколку не ги почитуваат стандардите, како и робусна и финансиски повисока поддршка на семејствата за замена на енергенсите за затоплување.

„Но, освен тоа што надлежните власти мора да дејствуваат за да го заштитат здравјето на граѓаните, токму и ние, граѓаните, мораме со нашите дејства да придонесеме во битката со аерозагадувањето. Како дел од она што секој од нас може да го направи е да го намалиме патувањето со нашите автомобили и да користиме јавен превоз и/или велосипед и други еколошки превозни средства, да ја намалиме потрошувачката на енергија, да го напуштиме традиционалното затоплување на дрва и да преминеме на други еколошки извори на енергија. Во спротивно аерозагадувањето и Ковид-19 ќе се натпреваруваат кој ќе нанесе повеќе штета на животот и здравјето на граѓаните“, се додава во соопштението.