Денеска се одржа конститутивна седница на Комитетот за земјоделство, безбедност на храна, ветеринарство и фитосанитарна политика, со кој претседава претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.
Премиерот Заев посочи дека ова владино тело е во целосна функција за креирање системски решенија за примена на позитивни европски практики, кои ќе придонесат за предвидлив и поволен деловен амбиент за одржливо и продуктивно земјоделство.
На седницата на Комитетот се отворија повеќе теми од секторот земјоделство за кои беа презентирани идни мерки и активности. Во фокус на дискусијата беше начинот и постапките за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, што е од исклучителна важност за земјоделците. Купувањето на земјиштето значи можност за нови инвестиции и производство, што ќе влијае на развојот на земјоделството и вкупната економија.
На оваа седница една од точките беше и воспоставување на концептот за развој на земјоделски осигурителен пул, кој согласно со европските практики ќе придонесе за зголемување на процентот на земјоделското осигурување, што е од големо значење во услови кога има штети.
Дополнително, се дискутира за редизајнирање на интегрираниот административен контролен систем (ИАКС) во функција на спроведување ефикасни политики за имплементирање и мониторинг на мерките за директни плаќања и рурален развој.
Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство беше презентирана информација за превенција од евентуални опасности од африканската свинска чума и болеста син јазик, која влијае врз намалување на добиточниот фонд.
На седницата на Комитетот учествуваа и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за здравство, за животна средина и просторно планирање, за финансии, за труд и социјална политика, заменик-министерот и државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и директорите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, на Агенцијата за храна и ветеринарство, на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, Државниот инспекторат за земјоделство, Фитосанитарната управа, ЈП „Македонски шуми“, ЈП за стопанисување со пасиштата и на АД „Водостопанство“.
Беше заклучено дека во континуитет ќе се следат светските трендови во земјоделството и во согласност си тоа ќе се креираат соодветни мерки за унапредување на домашното земјоделство.