23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Арсовски: Фризерницата што го добила проектот од Еразмус+ била петта на ранг-листата

Крајно сомнителен е начинот на доделување грантови во Националната агенција од страна на Лидија Димова. Повеќе од десет дена бараме од агенцијата објавување на ранг-листите на проектите од Еразмус + програмата, но директорката Лидија Димова ги криеше, а денеска во медиумите можеме да видиме дека еден од проектите доделен на фризерницата„ВЕЗ Трејд“ бил доделен на сомнителен начин, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Што е тука сомнително? Првите два рангирани проекта се одбиени, а следен кој бил одобрен е третиот проект, на братот на пратеникот од СДСМ Диме Велковски, проектот познат во јавноста за избери сирење, во вредност од над 125.000 евра, за кој говоревме во нашите прес-конференции претходно. Одобрен е и проектот на фризерницата ‘ВЕЗ Трејд’, на пријателот на Лидија Димова, кој има можеби најмалку бодови доделени од страната на евалуаторите, но сепак од комисијата бил одобрен иако според одредени членови во Законот имало судир на интереси меѓу ‘ВЕЗ Трејд’ и вработена во Националната агенција. Најверојатно ова не го препознале во агенцијата или не сакале да го препознаат“, кажа тој.

Од друга страна, додаде Арсовски, проект кој има 80 бодови, односно два бода повеќе од проектот на фризерницата, не е одобрен и е одбиен под образложение дека има судир на интереси, за што истата организација тврди дека не е точно и веќе има поднесено правни тужби до Управен суд и правна претставка до Брисел.

„Ова беше причината поради која јавно баравм да бидат објавени рангирањата на проектите, а Лидија Димова свесно ги криеше бидејќи најверојатно имало сомнителни чекори во доделувањето. Лицемерно е доколку Лидија Димова биде само сменета од позицијата, туку треба да биде извршена и истрага и нормално, на крај, доколку се утврдат неправилности за коишто веќе се гледа дека постојат, да одговара и кривично. Ова е еден од стотиците скандали и криминални сомнежи во функционирањето на Владата на СДСМ, а Вилма Русковска и Љубомир Јовевски сепак спијат и не сакаат да ги видат“, обвини Арсовски.